X
 26.05.2026 Живот

Уникатни можности создадени од УКЛО КОЛОРС - магистрантка учесник на Европското студентско собрание во Стразбур 2026

Учеството на магистрантката Габриела Танеска од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, на престижното Европско студентско собрание (ЕСА 2026) - European Student Assembly 2026 (ESA26) во Стразбур, Франција, претставува значаен академски и професионален успех, како за самата студентка така и за македонската академска заедница. Неколкумесечната активност е возможна само за студенти чии универзитети се дел од Европска универзитетска алијанса, а учеството на Габриела беше реализирано преку Европската универзитетска алијанса КОЛОРС чиј партнер е и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.



Од вкупно 2.889 апликации од студенти од различни европски универзитети и факултети беа селектирани само 250 учесници, при што ова беше и прво учество на студент од Македонија на оваа конференција благодарение на огромниот влог и заложба на академската раководителка проф. д-р Рената Петревска Нечкоска. Академската раководителка работеше на тоа да се насочат студентите на УКЛО да се охрабрат и аплицираат, а беше конструктивен контрибутор при дизајнирањето на методологијата на избор на пријавените кандидати од целата Алијанса, да се земе предвид учеството на студент од УКЛО како единствен партнер од земја што не е во Европската Унија. Настанот обедини млади луѓе од различни држави, култури и академски области, со цел преку заедничка работа и дебата да се креираат предлози за актуелни европски прашања и политики.



Конференцијата беше организирана во осум тематски панели, а Габриела беше дел од Панел 3 – „Aligning Budget with Impact“, фокусиран на усогласување на буџетските политики со нивното реално општествено влијание. Работата на проектот започна уште во јануари преку онлајн состаноци, истражувања и координација со членовите на интернационалниот тим, а целиот процес кулминираше со тридневната конференција која се одржа во Европскиот парламент во Стразбур.

За време на престојот во Стразбур учесниците имаа можност да ги презентираат резултатите од својата работа, да дебатираат со студентите од останатите панели и активно да учествуваат во креирање заеднички заклучоци и препораки. Посебно значаен момент беше финалната сесија во просториите на Европскиот парламент во Стразбур, каде што предлозите на панелите беа официјално презентирани и изгласани.



Покрај академскиот аспект, конференцијата претставуваше и исклучително вредно лично и професионално искуство. Работата во интернационална средина, размената на идеи со студенти од различни култури и образовни системи, како и можноста за учество во дискусии на европско ниво, придонесоа за развој на нови перспективи, вештини и професионални контакти кај магистрантката на УКЛО, дел од КОЛОРС, што е еден од уникатните патишта кој Европската универзитетска алијанса КОЛОРС ги отвора за над 120.000 свои студенти, меѓу кои се вбројуваат и УКЛО-вци. Европската комисија ја вбројува оваа активност како една од поважните, каде што студентите претставници на различните алијанси и држави претставуваат егземплари на квалитет, компетенции и исклучителен интелектуален труд.

Со своето учество, Габриела Танеска успешно ги претстави Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Алијансата КОЛОРС на еден од најзначајните европски студентски собири, потврдувајќи дека македонските студенти можат рамноправно да учествуваат во меѓународни академски и општествени иницијативи како кокреатори на својата иднина.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот