На 21 септември 2021 година, во амфитеатарот на Педагошкиот факултет во Битола, со почеток во 10 часот, се одржа првата проекција на документарниот филм со наслов ,,Бесмртноста на Блаже Конески", изработен од страна на студентката Искра Талевска. Овој документарен филм е само една од активностите кои се реализираа во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески на Педагошкиот факултет во Битола во соработка со МНД – Битола. Настанот воедно беше и одбрана на дипломскиот труд на студентката Искра Талевска под менторство на вонр. проф. д-р Силвана Нешковска.
Одбележувајќи ја 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, оваа година, студентите на Педагошкиот факултет- Битола, заедно со нивните професори и Македонското научно друштво - Битола, реализираа серија активности во негова чест.
Најпрво, започнаа со спроведување на интервјуа со блиски пријатели, соработници и студенти на Конески. Главниот фокус во рамнките на овие интервјуа беше разоткривање на неговиот профил, а интервјуираните гости ги вклучуваат: Радован П. Цветковски – познат поет, есеист и литературен критичар; проф. д-р Људмил Спасов – универзитетски професор и автор; Пеце Стефановски – новинар и уредник; Љубинка Донева – поетеса, писател за деца, книжевен критичар и лексикограф; потоа Менде Младеновски – новинар и уредник; проф. д-р Вера Антиќ – универзитетски професор, книжевен историчар и автор; и проф. д-р Димитар Пандев- универзитетски професор, филолог и литературен критичар.
Покрај интервјуата, на Педагошкиот факултет – Битола се одржаа и Литературното читање со наслов „Конески“ и Тркалезната маса „Делото на Конески - постојан извор на истражувања во науката за јазикот, литературата и културата“, во соработка со Македонското научно друштво од Битола. Благодарение на соработката со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп, делегација составена од професори и студенти од Педагошки факултет – Битола, на крајот на летниот семестар, имаше можност да ја посети и спомен куќата на Блаже Конески во Небрегово.
Документарениот филм е компилација од сите овие настани и активности и се фокусира на пронаоѓање одговори на следниве прашања: Кој бил во суштина Конески и како успеал со своето дело да остави траен белег врз македонската култура, книжевност и јазик?
На промоцијата на филмот присуствуваа деканот на Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Добри Петровски, заменик-претседателот на Македонското научно друштво – Битола, проф. д-р Сашо Кочанковски, поетот Радован П. Цветковски, како и професори и студенти од Педагошкиот факултет во Битола.
(Комерцијална објава)