X
 22.09.2019 Наука

Џиновските желки можат да ни помогнат во борбата против ракот

Генетичката анализа на ДНК-та на осамениот Џорџ, желка од Галапагос која доживеа длабока старост, заедно со другите анализи на генот од истиот вид (кој може да живее околу сто години) покажува дека овие желки имаат голем број генски варијабли и варијанти што се поврзани со „поправка“ на ДНК, имунолошко реагирање, супресија на ракот и други карактеристики што другите 'рбетници ги немаат.

Како што пишуваат научните списанија, остатоците од џиновските желки сѐ уште на научниците им ги откриваат тајните на тој вид и даваат одговор на прашањето како можеле да живеат толку долго. Резултатите од анализата се објавени во научното списание „Нејчр еколоџи енд еволушн“.

- Осамениот Џорџ и од смртта нѐ учи за животот - вели Адалгиса Кацоне, истражувач од „Јејл“ и еден од авторите на истражувањето.

Токму таа во 2010 година почнала да го секвенцира неговиот ген, последната единка од видот chelonoidis abingdonii, за да може да ја истражи еволуцијата на желките на Галапагос. Карлос Лопез-Отин од Универзитетот во Овиедо, Шпанија, ги анализирал податоците за да види кои и какви генски варијабли ја овозможуваат долговечноста.

- Досега лоциравме девет ознаки на стареење, а по истражувањето на над 500 примероци на ген според таа квалификација најдовме многу интересни варијанти кои потенцијално влијаат врз 6 од 9 од тие карактеристики кај големите желки, што отвора нови врати во истражувањето на стареењето и кај луѓето - вели Лопез-Отин.

Џиновските желки и луѓето делат повеќе од 90 отсто од ДНК, а професорот Лучијано Бехерегарај, еден од коавторите и истражувачите, вели дека токму разликите го прават споредувањето интересно.

- Некои од тие гени не се дуплирани кај луѓето, но се кај желките, а некои имаат дури три копии од некој ген - вели тој и додава дека дуплирањето на генот влијае врз функцијата на тие гени.

Истражувачите се надеваат дека ќе можат да ги реплицираат во лабораторија.

- Можеби токму во тие гени е тајната за нивните долготрајни и многу здрави животи - вели Бехерегарај.

Џиновските желки можат да заболат од рак, но заедно со уште некои рептили многу ретко заболуваат од карцином од кој било тип.

- Ракот е поврзан со текот на поделбата на клетките. Кога клетката се дели, ДНК евентуално прави грешка, а големите желки на некој начин „научиле“ како да го спречат или максимално да го смалат тоа и сега имаме листа со потенцијални гени што мораме и понатаму да ги проучуваме и да ги доведеме во врска со луѓето - вели тој.

Меѓутоа, иако истражувањето дефинитивно е важно за луѓето, тоа ќе помогне и во заштитата на џиновските желки. Шест вида се критично загрозени, три се загрозени, три ранливи, а еден, можеби дури и два вида се изумрени. Така и големиот осамен Џорџ беше последен примерок од неговиот вид.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука