X
 22.09.2020 Образование

Прва студентска сообраќајна единица на УКЛО - Технички факултет, Битола

Иако во специфични услови, и оваа година ги живееме деновите од Европската недела на мобилност. Денови во кои секој поединец, секоја институција треба да се обиде да ја покаже својата свесност за промоција на здрав, еколошки начини на движење заради зачувување на своето здравје, но и заради подобрување на квалитетот на воздухот и околината или превоз со СÈ освен со автомобили, затоа што сакаме да живееме во градови по мерка на човекот, а НЕ на возилата.

Една од нашите активности е формирањето на ПРВАТА СТУДЕНТСКА СООБРАЌАЈНА ЕДИНИЦА - ССЕ  на ТЕХНИЧКИОТ ФАКУЛТЕТ - БИТОЛА, Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола, во соработка со Општина Битола, Општински совет за безбедност на сообраќајот, СВР Битола (Отсек за превенција) и ОО Црвен крст - Битола. Овој чин и дејствувањето на единицата сакаме на студентите да им донесе повисок квалитет во студирањето со создавање услови за стекнување со методолошка способност и вештини за научноистражувачка дејност и континуирани практични знаења, а секако основна цел ни е интегрирање на студентите во развојните, стручни и креативни активности со општествена одговорност и значење во областа сообраќај, транспорт, безбедност и урбан развој.

2

3

И самото формирање, но и дејствувањето понатаму го планираме во координација со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Точно 10 (десет) студенти униформирани во безбедносни елечиња со флуоресцентна боја и безбол-капчиња на кои стои логото на факултетот и ознаката за единицата, добија часови на обука за регулација на сообраќајот од тимот од Отсекот за превенција на СВР Битола и часови на обука за помош на учесниците во сообраќајот од екипа на ОО Црвен крст - Битола.

Она на што сум исклучително горда е начинот на кој нашите студенти им се претставија на гостите. Имено, тие изработија кратка, но ефективна презентација на тема „УРБАНА МОБИЛНОСТ И РЕ/ДИЗАЈН НА УЛИЧНА МРЕЖА: користење софтверски алатки“ и на многу јасен начин им ја предочија на присутните врската академија-студенти-локална самоуправа-граѓани-јавни и безбедносни институции. Во следниот период студентите ќе работаат на дистрибуција на онлајн-анкета изготвена специјално за комуникација со граѓаните и испитување на нивните ставови на тема сообраќај и урбана мобилност и подоцна на анализа на резултатите. Во иднина студентите од ССЕ ќе учествуваат во проектите „Безбедно дете“, „Безбедни рути“, со поддршка и на терен и во истражувањата, во одредени симулациски вежби на терен, ќе земат учество и во едукативни емисии за сообраќај и транспорт на универзитетското радио, разгледување и давање предлози поврзани со сообраќајот, преку размена на идеи од различни активности и слично.

4

5

Формирањето на студентската сообраќајна единица е во согласност со Член 238 од Статутот на УКЛО, Член 25 од Закон за научноистражувачка дејност и Член 12 од Закон за високо образование, а основната идеја е интегрирање на студентите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола и на Техничкиот факултет Битола во сите европски кампањи за сообраќај и мобилност, што верувам ќе влијае врз нивниот личен развој,  нивниот професионален развој, со искуствата кои ќе ги стекнуваат ќе бидат уште поподготвени за вклучување на пазарот на трудот, а со вмрежувањето во семејството градови од ЕУ и светот кои сфатиле дека сообраќајот е фактор за идниот развој на градовите ќе им се овозможи меѓународна соработка со студенти од европските факултети и пренесување на искуството тука.

Она што конечно сакам да го порачам всушност произлезе од дискусијата која ја водевме со студентите на нивната промоција и со претставници на граѓанските иницијативи. Дискутиравме за фактот дека сите ние имаме различни очекувања, граѓаните очекуваат резултати веднаш, ние инженерите сакаме мерливи податоци пред-потоа, но факт е дека горе или на национално ниво треба да се сфати дека и ние тука локално можеме многу да направиме, ако се вложи во овој систем „безбедност на сообраќајот и урбана мобилност“, во секоја смисла. Но најзначајно е носителите на одлуки во голем број сектори: образование, транспорт и врски, локална самоуправа, внатрешни работи, животна средина, да прифатат дека сообраќајот е фактор за идниот урбан развој, но и фактор за подобрување на квалитетот на животната средина и со еден сериозен, детален пристап и континуирано да го внесуваат сообраќајот и мобилноста и културата во сообраќајот како задолжителни содржини во образовниот процес!

6

Конечно, мора да сфатиме дека и во многу поразвиените земји од нашата навиките на граѓаните и свесноста тешко се менуваат, и затоа ќе упатам апел дека треба уште многу да се работи на свеста кај населението за безбедност во сообраќајот и премин кон здрави начини на превоз, а паралелно да им се нудат решенија за здрави, чисти и безбедни градови.

вонр. проф. д-р  Јасмина Буневска Талевска

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование