X
 13.11.2021 Образование

Високото образование е маргинализирано и се чувствуваме како сирачиња, рече проректорот за студентски работи на УКЛО

Со вакво ниво на вложување во научноистражувачката работа и партиципацијата на државата во високото образование не можеме да направиме значителен чекор напред, смета Ѓуровски

„Вложувањата на државата во високото образование и научноистражувачката работа се недоволни“, отворено проговори проректорот за студентски работи на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, Марјан Ѓуровски, на Светскиот ден на науката. На студентската конференција „Техниката и урбаниот развој“ што неодамна се одржа на Техничкиот факултет во Битола, Ѓуровски упати критика дека високото образование е маргинализирано, а припадниците на академската заедница се чувствуваат како сирачиња, наспроти основното и средното кои се високо на приоритетната листа на државата.



Кај нас 0,3 проценти од БДП се наменети за научни истражувања, во светот и до 4 проценти

- Да ја искажам својата загриженост за влијанието, начинот и местоположбата која ја има македонското образование и особено научноистражувачката работа во однос на тоа што државата дава за македонската наука. Некаде под 0,3 проценти од бруто-домашниот производ се вложуваат во научните истражувања на државните високообразовни институции генерално во нашата држава, наспроти развиените држави каде што тоа е од 2 до 4 проценти. Со вакво ниво на вложување во научноистражувачката работа и партиципацијата на државата во високото образование не можеме да направиме значителен чекор напред. Сметам дека отворено треба да продискутираме каква наука и концепт на високо образование ѝ се потребни на нашата држава - рече Ѓуровски.

На факултетите недостигаат асистенти и доценти

Недостигот на пари се одразува со дефицит на соработнички кадар. Во услови кога е сериозен недостигот на асистенти и доценти речиси на сите државни универзитети, вклучително и на Битолскиот, на нашите факултети речиси не се реализираат вежби во наставниот процес зашто немаме ни помлади асистенти, асистенти докторанди, а оттука и немаме ни развој во доценти. Сериозниот недостиг на соработнички кадар се одразува врз праксата и вежбовните активности на нашите студенти, додаде проректорот.
Парите што ги добиваат од студентите факултетите мора да ги вложуваат во научноистражувачка работа или, пак, да ги обезбедат преку проекти од ЕУ и од НАТО. Но, излезот од ситуацијата е можен и преку соработка со бизнис-заедницата.

- Сѐ повеќе се наметнува парадигмата во која високото образование се става во контекст на нешто што би претставувало приватно добро, приватен интерес и на крај приватна одговорност, а не јавно добро. Идната опасност не доаѓа од новиот тип на универзитет, туку од губењето на потребата за каков било универзитет во кој хармонично живеат образованието и научноистражувачката работа - рече Ѓуровски.



Дали најдобрите студенти стануваат идни научници?

Кога би имало поголеми вложувања од Министерството за образование, би можеле да се отворат многу повеќе истражувачки центри и институти во рамките на универзитетите. Да се мотивираат студентите, да имаат свои проекти, трудови, настапи како оратори.

- Дали истражувачите се на висината на својата задача? Дали постои објективност и дали најдобрите студенти стануваат идни научници? Одговорот, за жал, е не. Долги години во земјата не се создаде култура на научно истражување и научна мисла. Имаме позитивен пример во Битола преку Македонското научно друштво, се дава придонес, но тоа е борба на ентузијасти, а не системски пристап кон научноистражувачката работа. Научната транзиција трае подолго од политичко-економската транзиција - додава Ѓуровски.

И професорот Игор Неделковски, проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, рече дека Светскиот ден на науката не го дочекуваме со многу оптимистички индикатори.

- Годинава се објави најновиот извештај на УНЕСКО за развојот на науката во целиот свет, кој се објавува еднаш на пет години, и податоците за Македонија се поразителни. Имавме намалување на инвестициите во науката, има намалување на бројот на вработени во секторот на науката, долго време не се финансираат работни места во научното друштво, имаме намалување во сите индикатори, за жал, науката и понатаму се смета за јавна потрошувачка, а не за капитална инвестиција - рече Неделковски.



На настанот Ѓуровски ги повика студентите да не ја бараат иднината надвор од земјата. „Да се разбудите, да бидете многу повеќе проактивни преку вашите студентски парламенти и иницијативноста за одржување на студентска конференција не да биде од година на година, туку многу повеќе да тропате на вратите на деканите, продеканите, ректорите, проректорите и да барате многу поголема активност, гласност, да си го побарате своето место во македонското општество зашто по студирањето не треба вашата иднина да ја барате надвор со пасоши од други држави и да ја напуштите татковината, рече тој посочувајќи дека студентските движења во светот, и во минатото и денеска се движечката сила на општествата.
Подготвил: Жанета Здравковска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование