Секој ден 8 милиони парчиња пластика достигнуваат до океаните. Се проценува дека 100 милиони морски животни умираат поради ова погубно загадување, на годишно ниво. За да се подигне свеста за овој проблем, совесните луѓе ги охрабруваат потрошувачите и бизнисите да усвојат одржлив начин на живот.
Затоа, 5 студенти од школата МАДС за рекламирање во Москва, Русија, решија да создадат рекламна кампања насочена кон ИКЕА и нивните познати кадифени играчки.
Креаторите ја нарекоа кампањата „Пластична операција“ и „оперирале“ на играчките за тие да изгледаат како да се заплеткани во пластика.
Резултатот ја отсликува реалноста со која се соочуваат милиони животни во нивното природно живеалиште кое е преплавено со пластика.
Иако рекламата не е официјално поврзана со ИКЕА, испраќа моќна порака за важноста на борбата против пластичното загадување - пластичното загадување ја убива нашата планета.
Во случај да се прашувате што прави ИКЕА за да ѝ помогне на животната средина, краткиот одговор е - многу. На почетокот од 2020 година компанијата го укина користењето на
пластика за еднократна употреба во нејзините ресторани, кафулиња и бистроа. Освен тоа, компанијата планира да стане „кружен бизнис“. Одлуката е дел од нивната стратегија за одржливост наречена „Пипл & планет позитив“ лансирана во 2012 година. ИКЕА вети дека ќе стане целосно кружен бизнис до 2030 година, истакнувајќи три главни области на фокус: здраво и одржливо живеење, кружно и климатски позитивно, фер и еднакво.
Како дел од нивниот план за промовирање на здраво и одржливо живеење, ИКЕА вети дека нејзините производи ќе бидат преработени, поправени, повторно користени, препродадени и рециклирани. До наредната деценија, целиот опсег за мебел за домаќинства на ИКЕА ќе се заснова на обновлив и рециклиран материјал.
Што се однесува до фер и еднакво, ИКЕА планира да го развива својот бизнис на поинклузивен начин, охрабрувајќи ја различноста и промовирајќи пристојна и значајна работа, овозможувајќи им на луѓето да обезбедат добар живот за себе и за своите семејства. За да ги постигне овие цели до 2030 година, компанијата инвестира 200 милиони евра.