X
 22.10.2021 Живот

Трагични несреќи што се случиле на филмски снимања низ историјата

Утрово се разбудивме со веста за случајното убиство на директорката на фотографија Халина Хачинс од страна на актерот Алек Болдвин во текот на снимањето на филмот „'Рѓа“. Во несреќата сериозно бил повреден и режисерот на филмот, Џол Суза.

За жал, ова не е прва несреќа за време на филмско снимање.

„Гавранот“ (The crow)

Една од најпознатите трагедии за време на снимање се случила во 1994 година при снимањето на „Гавранот“. Актерот Брендон Ли загинал кога мал експлозивен уред кој симулира истрел експлодирал во торба. Проектилот го погодил актерот во абдоменот.

„Полноќен јавач“ (Midnight rider)

Сара Џонс, која била помошник-снимател на филмот, загинала по удар од воз во 2014 г. Снимањето се одвивало на вистинска пруга. Екипата се обидела да ја отстрани опремата од пругата кога се слушнал возот, но парче отпад ја турнало Џонс на пругата. Таа имала 27 години. Режисерот Ранал Милер бил осуден на една година затвор поради несреќата.

„Затвореник: Финално поглавје“ (Resident evil: The final chapter)

Имало две несреќи на снимањето на овој филм. Каскадерката Оливија Џексон имала сериозни повреди и ја загубила левата рака во текот на снимањето сцена со мотоцикл. Два месеца подоцна нејзиниот колега Рикардо Корнелиус загинал на снимањето кога автомобил се лизнал од платформа и паднал врз него.


„Темниот витез“ (The dark knight)

Овој филм се поврзува со смртта на ѕвездата Хит Леџер, кој почина месеци по завршувањето на снимањето. Меѓутоа, каскадерот Конвеј Виклиф загинал во текот на снимањето на филмот, во автомобилска несреќа. Имал 41 година.

„ХХХ“

На снимањето на овој филм загинал каскадерот Хери Оконор во сцена со параглајдер, удрил во мост и го скршил вратот.

„Топ ган“ (Top gun)

Каскадерот Арт Шол загинал на снимањето на овој познат филм кога неговиот авион се срушил во Тихиот Океан во близина на брегот на Калифорнија. Биле пронајдени остатоци од авионот, но телото на Шол никогаш не било најдено.


„Полицајци“ (Cops)

Се случила трагедија за време на реалното шоу „Полицајци“ во 2014 г. кога аудиотехничарот Брус Дајон, кој имал 38 години, случајно бил застрелан и убиен од полицијата додека екипата снимала грабеж во Небраска. Полицијата почнала да пука во осомничен за кој мислела дека пука во нив, а притоа ги убила и осомничениот и Дајон. Подоцна било откриено дека осомничениот имал лажен пиштол.

„Зона на самракот“ (Twilight zone: The Movie)

Во 1982 г. во текот на снимањето на овој филм се урнал хеликоптер, при што загинале актерот Вик Мороу и две деца. Тие снимале сцена со експлозиви, што довело до уривање на хеликоптерот. За тоа биле осудени 5 лица, вклучувајќи го и режисерот Џон Лендис.

Некои филмови се покажале како трагични за актери и вработени на друг начин. Филмот „Освојувачот“ (The conqueror) бил снимен во близина на место на кое се тестирало нуклеарно оружје. Три години пред снимањето на тоа место биле детонирани 11 нуклеарни бомби за тестирање. Регионот бил контаминиран, а ветрот носел големи количества радиоактивна прашина на локацијата каде што се снимал филмот.

Продуцентот Хјуз бил свесен за ова, но владата му рекла дека тоа не претставува опасност за јавното здравје. Резултатите биле предвидливи и трагични. Во следните 25 години 91 лице од вкупно 220 што работеле на филмот (41%) заболеле од рак, а 46 починале од оваа болест, вклучувајќи ги и режисерот Дик Пауел и ѕвездите Сузан Хејворд, Агнес Мурхед, Ли Ван Клиф, па дури и главниот актер Џон Вејн.

Извор: Yahoo
Фото: YouTube (Printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот