Вчера деканите на Филозофскиот факултет и на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Ратко Дуев и проф. д-р Светозар Антовиќ, потпишаа Меморандум за соработка.
Преку Меморандумот, Институтот за безбедност, одбрана и мир и Институтот за судска медицина и криминалистика во иднина ќе разменуваат наставен кадар, ќе креираат студиски програми од научните области на двата института, заеднички интердисциплинарни обуки, семинари, дебати, конференции. Покрај тоа апликација и реализација на заеднички научно-истражувачки и меѓународни проекти.
Дебатата на тема „Улогата на науката за безбедност и истражувањето во отпорноста, безбедноста и одржливиот развој на општеството“ на Филозофскиот факултет ја отвори заменик-министерот за образование и наука д-р Агим Нухиу и деканот на Филозофски факултет.
На научната дискусија свои излагања имаат академик проф. д-р Валентин Мирчевски од Природно-математички факултет-Скопје, проф. д-р Александар Станков од Институт за судска медицина и криминалистика при Медицински факултет-Скопје, продеканот на Филозофскиот факултет - Скопје проф. д-р Оливер Бакрески и проф. д-р Марјан Ѓуровски од Институт за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет.
„Ние во науката и високото образование сме жртви на конфузијата во општеството. Потребно е поголема вклученост во решавањето на општествената состојба на земјата. Потребни ни се коренити промени, зошто високото образование не е социјална категорија, туку тоа треба да создава развој зошто е фабрика за луѓе и кадри. Воедно ни треба поголема видливост и транспарентност на научните резултати во странство и нивно споделување“, нагласи професорот Мирчевски кој е најцитиран македонски научник во светот.
„Промените во општеството се раководени од сознанијата во науката, но истовремено низа на општествени предизвици стојат неодговорени од науката. Поаѓајќи од тврдењето дека отпорноста и безбедноста на општеството и улогата на знаењето треба да бидат разбрани како взаемност меѓу општеството, развојот и науката, оваа дебата стреми да придонесе кон афирмирање на новите сознанија за таквиот спој“, рече професорот Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет.
Во периодот на големи безбедносни предизвици и приоритети и креирање на јавни политики за справување со истите особено е важно местото и улогата на истражувањето и науката за безбедност која ја дава во овој развој и справувањето со предизвиците и ризиците пред кои е исправен целиот свет, заклучи продеканот професот Оливер Бакрески.
На Дебатата се промовираше новата студиската програма по докторски студии на безбедност на Филзофскиот факултет на најстариот државен Универзитет „Св.Кирил и Методиј„-Скопје.