X
 23.01.2017 Живот

Тажната судбина на ќерката на поетот Бајрон, првата програмерка во историјата

Грофицата Ејда Лавлејс со децении чекала да биде призната за нешто повеќе од ќерка на славниот поет, Лорд Бајрон. Таа успеала да ја надмине стереотипната улога на жените што им ја наметнало општеството и да стане една од пионерите во истражувањето на направите за пресметување и програмирање. На озборувањата дека е „луда грофица“ не им обрнувала внимание, иако живеела пред 150 години и тоа несреќно и кратко, па сепак го предвидела повеќето од тоа што денес се смета за компјутерско инженерство.

Ејда е родена во 1815 година, како ќерка на познатиот англиски поет, Лорд Бајрон и на Анабел Милбанк. Кога имала пет години, нејзините родители се развеле, а уште во 1816 година Бајрон почнал да странствува каде што и го завршил својот живот.

Иако никогаш не го запознала нејзиниот татко, на Ејда од малечка ѝ зборувале дека наизглед и карактерно многу личи на татко си. Најверојатно тоа била причината поради која мајка ѝ ја одвлекувала од уметноста (поточно, поезијата), а за сметка на тоа ја „туркала“ во научните води, овозможувајќи ѝ образование поголемо одошто било обичај за тогашните жени. Па така, од мали нозе Ејда била во рацете на најдобрите тутори по математика, а со годините станала одлична лингвистка и музичарка.

ќерка
Фото: Wikipedia

Средба што ѝ го променила животот  

Животниот пресврт на Ејда ѝ се случил со познанството со Мери Сомервил, уште една исклучителна дама и прва жена членка на Кралското астрономско друштво. На еден бал во организација на Мери, Ејда го запознала Чарлс Бабиџ, почитуван професор по математика. Тогаш имала 18 години и била воодушевена од идеите на Чарлс за машините за сметање, кои научникот ги нарекол „аналитички машини“. Од друга страна, пак, Бабиџ бил маѓепсан од интелигенцијата на Ејда и брзината со која ги поврзувала и ги разбирала работите.

Така настанал тандемот што ја променил историјата на математиката, но и сметањето и информатиката.  
Историчарите велат дека Ејда повеќе од Чарлс ги разбирала нацртите и плановите во областа. Кога ги преведувала неговите записи за аналитичката машина, од француски на англиски јазик, Ејда додавала сопствени белешки во кои ја нагласувала разликата меѓу Паскаловата машина, што би можела да се спореди со денешниот дигитрон, и Бабиџовата машина што може да се спореди со модерните сметачи (компјутерите).

Ејда напишала и алгоритам за аналитичка машина за пресметување на Бернулиевите броеви. Се смета дека тоа е првиот компјутерски програм, па така оваа дама станала првиот програмер во историјата. На крајот од своето дело се потпишала како „A.Л.Л.“, бидејќи во тоа време, за жените од повисоките класи, било неприфатливо да се занимаваат со такви професии.

Грофицата Ејда била вистински визионер. Верувала дека Бабиџовата машина еден ден ќе може да се користи во компонирањето, за исцртување графици, за развој на науката, но и за приватни цели.

Неизбежното „проклетство“ наследено од нејзиниот татко   

Ејда имала дваесет и девет години кога било објавено нејзиното дело. Списи од тоа време говорат дека доживеала некој вид на ментален колапс. Познато е дека докторите ѝ препишале комбинација од лекови и алкохол кои засекогаш ја втурнале во провалијата на зависноста и лудилото.

За да се оттргне од алкохолот, Ејда се оддала на друг порок – коцкањето. Заедно со Бабиџ ги тестирале математичките теории за веројатноста на коњските трки. Оваа авантура завршила трагично за умната грофица – за да ги отплати долговите, го заложила семејниот накит, а научната заедница, бездруго сомничава кон научничката, засекогаш ѝ го свртела грбот.

Па така, Ејда Лавлејс починала од рак во 36-та година од животот, исто како и нејзиниот татко. По сопствен избор била погребана покрај него.   
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот