X
 20.04.2024 Наука

Научници откриле дека стаорците можат да бројат

Истражувачки тим од Градскиот универзитет во Хонгконг и Кинескиот универзитет во Хонгконг објавил откритие што го потврдува постоењето на дискретен број сетила кај стаорците.

- Наодите нудат клучен животински модел за истражување на невронските основи на нумеричките способности и попреченостите кај луѓето - велат истражувачите од Хонгконг.

- Во оваа иновативна студија е применета нумеричка задача за учење, техники за манипулација на мозокот и моделирање со вештачка интелигенција за да се добие одговор на тековната дебата за тоа дали стаорците можат да бројат - вели Јунг Винг-хо, професор по когнитивна невронаука на Градскиот универзитет кој соработувал со научниците од Медицинскиот факултет при универзитетот.

Нивната студија фрла светлина врз механизмите кои се во основата на нумеричката способност, когнитивната способност која е фундаментална за математичката способност, која пак е белег на човечката интелигенција.

Професорот Јунг истакнал дека истражувачкиот тим развил алгоритам за генерирање стимул кој им овозможува на животните да се фокусираат само на бројки и да ги минимизираат другите одвлекувања.

- Ова ќе ни помогне подобро да разбереме како животните ги перципираат бројките - објаснил професорот.

Тимот открил дека стаорците, без никакво претходно знаење за бројките, може да развијат чувство за нив кога се тренираат со звуци што претставуваат два или три броја. Стаорците се фокусирале на бројот на звуци при изборот на награда со храна.

Истражувачите откриле дека кога блокирале одреден дел од мозокот на стаорците, тоа влијаело врз нивната  способност да ги разбираат бројките, но не и нивното чувство за големина.

- Ова покажува дека мозокот има одредена област за работа со бројките - смета професорот Јунг.

Студијата не само што ја решава долгогодишната мистерија за тоа како мозокот се справува со бројките, туку нуди и нови сознанија за проучувањето на специфичните нервни кола, вклучени во обработката на броеви кај животните, како и за начинот како гените се поврзани со математичката способност. Наодите од моделирањето на невронските мрежи би можеле да имаат практична примена во областа на вештачката интелигенција.

Извор: Okvir.net

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука