X
 23.02.2016 Образование

Лесно е да се биде школуван, тешко е да се биде образован

Школувањето се стекнува со „бубање“ и упорност, додека образованието се гради со постојано проширување на перспективите, љубопитност и желба од себе да направиме сестрана и квалитетна личност. Голем проблем е што денешната младина не чита. Воопшто. Тоа се луѓе на кои им припаѓа иднината - луѓе кои утре ќе управуваат со државата, ќе лекуваат, ќе градат мостови и ќе ги учат нашите деца.

Денес на луѓето им е тешко да прочитаат било што подолго од три реченици. Едно е тоа што си го ускратуваат читањето книги и со тоа си го ограничуваат знаењето, а сосема друго е што се лишуваат од чудесните светови што ги нуди книгата. Она што најчесто го слушаме е: „Ех, кој ќе чита, види колку страници има!“

Од една страна, не сме свесни за фактот дека ако се образуваме, не значи дека стануваме аморфни маси без свое мислење и дека, како такви, најлесно е да се манипулира со нас. Од друга страна, речникот ни е сведен на пцовки, жаргон и навредливи зборови. Мал број луѓе денес знаат дали е правилно „НЕ ЗНАМ“ или „НЕЗНАМ“. Имав можност да се уверам дека факултетот не значи баш ништо, во смисла дека школуваната личност не мора да биде и образована. Има титула, ама нема знаење. Веројатно за тоа е виновен системот во кој живееме. Некој ќе каже дека читањето е губење време. Мене често ми зборуваа дека го идеализирам светот токму поради тие мои „книги“ и дека сè гледам од ведрата страна затоа што сум прочитала премногу бајки.

Јас се прашувам, кој тука губи?
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование