Една мајка од Србија ја добила идејата да напише текст откако во ист ден присуствувала на две ситуации од животот на обичен српски родител - посета на пазар, а истиот ден многу подоцна и Институт за мајка и дете. Лекциите се однесуваат и на родителите од било која земја од Балканот.
Педагошка лекција 1 - Ако не ме држиш за рака, некој ќе те украде!
Мајката се наоѓа на пазар, купува некаква пластика, држејќи го детето за рака. Детето, секако, нетрпеливо, тупка, се трга, заминува на соседната тезга кадешто нешто му е поинтересно. И, како тогаш мајката да го смири детето и да биде сигурна дека ќе остане со неа цело време? Па, така што ќе рече: „Не ми се тргај! Сакаш некој да те украде? Ова е пазар, сешто се краде овде!“ Убаво, мајко, па утре кога ќе тргнеш во трговски центар, на пазар, на кеј, ти запрашај се зошто детето се плаши од метеж и непознати луѓе, кога не си го научила на тоа. Во коренот на сите балкански дисциплини е стравот! Заплаши го детето за да те слуша! Со вештерки, полицајци, непознати луѓе, со било што. Добро е и децата малку да се плашат...
Педагошка лекција 2 - Ќе останеш овде засекогаш!
Ова не ми е ни малку симпатично. Секој кој со детето завршил на Институт за мајка и дете, знае што го чека таму - метеж и неорганизираност. Но, за тоа некој друг пат. Стигнавме пола час по полноќ, со детето кое има температура речиси 40. Како и на сите пред нас, ни бараат да извадиме крв и да земеме урина за преглед. Додека се мачиме да го ставиме оној несреќно направен сад за урина, слушам татко како шета со ќерката од две или три години и ѝ вели: „Ако сакаш да одиш дома, мора да мочкаш! Ако не мочкаш, ќе останеш овде засекогаш!“ Има ли потреба да се објаснува бесмисленоста на ваквите родителски закани? Како би требало да се чувствува детето чиј сопствен родител се заканува дека засекогаш ќе остане во болница? Но, тоа е за негово добро...
Педагошка лекција 3 - Нема да ручаш? Е, тогаш ќе те дадам на мечката!
Ова сум го доживеала лично во моето семејство. Метод со кој бабата го убедува моето дете да јаде! Класично негување на себичноста која сите во себе ја носиме. Ако ти не сакаш да јадеш, јас ќе те дадам на мечката, а за мечката да не добие ништо, детето побрзо ќе изеде сè. После ќе се прашуваат зошто ништо не сакаат да делат со братот кој уште е на пат...
Педагошка лекција 4 - Кај си се удрил? Во дрво? Еве мама го тепа дрвото!
Дали е потребно дополнително да се објаснува? Кога детето по сопствена грешка или невнимание се удри, ти удри по тоа што го удрило. Зошто тогаш и да не се удри по децата со кои се сретнува на училиште? Во што е разликата?
Педагошка лекција 5 - Не се врти во круг! Ќе ти се заврти во главата! Не го допирај тоа, валкано е! Не се качувај, ќе паднеш!
Секогаш се сеќавам на мојата тетка која живее во Швајцарија и која, кога ќе дојде овде, на своите деца им допушта буквално сè. Еднаш со свои очи видов како се вовлекува под киоск на автобуска станица, а таа не реагира. А, не знам дали децата биле болни во животот три пати. Добро, не велам дека треба да го пуштите детето да допира фрлени отпушоци, но каква врска има ако му се заврти во главата? Малку ќе го вежба центарот за рамнотежа. Па, што ако падне од скалата? Вие не сте паднале како деца? Ќе се качи пак и ќе научи дека понекогаш за да стигне до целта мора и да падне.
Педагошка лекција 6 - Не знаеш ти тоа, дај ми мене.
Нека се јави родителот кој не го рекол ова! Со ова „не знаеш ти“. Така типично, а така погрешно. Веројатно мислиме дека сè уште не е подготвен сам да стави сок во чашата, па чекаме да го научи тоа со магија, без ниту еднаш да го истури сокот...
Педагошка лекција 7 - Твојата наставничка нема поим. Што е ова што ти го напишала?
Ако родителот не го почитува наставникот, нема да го почитува ни детето. Ако детето не го почитува наставникот, нема да постигне добар резултат бидејќи нема доверба во оној кој го води низ школувањето. Затоа, што и да напишала/сторила/кажала наставничката (а замислете, и тие имаат право на грешка), никогаш не се сомневајте во нејзиниот авторитет пред детето.
Педагошка лекција 8 - Ако веднаш не прекинеш, ќе го викнам татко ти!
Детето кога го слуша ова, впрочем слуша: „Мама не ми може ништо, тато не е тука. Може да правам што сакам!“ Најбрзиот рецепт кој го користат мајките за да го уништат сопствениот авторитет над детето. Многу го прават тоа од незнаење, а не знам ниту една на која оваа закана ѝ дала некаков резултат.
Колку од овие лекции вие сте им ги одржале на своите деца? Дали би додале нешто?
Извор:
Зелена Учионица