„Пијанофорте“ ѝ е познато на македонската јавност по успесите на неговите ученици. Тоа е резултат на перманентното следење и примена на меѓународните трендови во поглед на просторните, кадровските и програмските параметри на музичкото образование, веќе цели дваесет години.
Младата, 11-годишна пијанистка Ана Манчева свири на пијано од својата 5-та година. Таа била најмладиот ученик по пијано кога се запишала во музичкото училиште „Пијанофорте“, но со голема желба за свирење. Лесно учела и брзо напредувала. Набрзо следувале натпревари каде што освојувала награди. Ја издвојуваме како пијанистка на „Пијанофорте“ со најмногу освоени високи награди на меѓународните натпревари во текот на само едно полугодие: високо прво место на ПИЈАНОФЕСТ 2020, Битола (со највисок резултат од македонските натпреварувачи од нејзината категорија); втора награда на меѓународниот натпревар во Шпанија Franz Liszt Center Piano Competition 2021; трето место на натпреварот во Малезија, Persatuan Chopin Malaysia - Chopin Society 2020.
Имаш освоено многу награди со кои може да се пофалиш, но и многубројни концертни настапи. На што се радуваш повеќе: на концертите или на натпреварите?
-Мене ми е најбитно да свирам, без разлика дали тоа е на некој натпревар или на концерт. Најмногу ме радува аплаузот на публиката. Кога ќе слушнам како публиката аплаудира, навистина сум среќна и исполнета.
Кога ја засака музиката?
- Уште како многу мала сакав да пеам и да танцувам. Растев со песните од детските фестивали. Потоа, кога имав 4 години, мојот татко ми подари детска играчка „синтисајзер“ на која свирев буквално по цели денови. Оттогаш знаев дека сакам да станам пијанист.
Како се чувствуваш по олку освоени награди?
- Секоја награда ми е драга, ги сакам еднакво сите. А, по секој успешен натпревар добивам уште поголема желба за свирење, за учење нови посложени музички композиции.
Дали вежбањето ти прави задоволство?
- Да, многу. Вежбам секој ден по неколку часа, без исклучок. Но, кога се работи со љубов, ништо не е тешко.
На што прво помислуваш кога ќе го видиш дома своето пијано?
- Пијаното е дел од мене. Едноставно кога ќе го видам, седнувам, свирам и уживам во нотите.
Дали твоето семејство сака да те слуша кога вежбаш?
- Моето семејство е мојата најверна публика, мојата најголема поддршка. Тие се секогаш со мене и додека вежбам и кога имам настапи. Им благодарам што ми овозможија да си ја остварам мојата најголема желба – да свирам на пијано.
Кои ти се следните планови?
- Моите планови се да се усовршувам како пијанист. Еден ден сакам професионално да го работам тоа и да свирам на најдобрите светски сцени. Но, најнапред сакам што побрзо да заврши пандемијата и повторно да настапувам во полни сали и да го слушам аплаузот на публиката.
Ана Манчева е пример на дете со силна волја да го достигне она што го посакува. Од играчка синтисајзер до концертно пијант: за неа играта на клавијатурата е забава, а аплаузот по настап огромна радост. Во „Пијанофорте“ таа најде професори кои максимално ја поддржуваат и водат кон патот на концертен пијанист. Тие со радост гледаат како од рацете на Ана се создава висока уметност со детска чистина.
Ѝ посакуваме уште многу светли моменти на блескави настапи.
(Комерцијална објава)