X
 23.03.2020 Живот

Да се чуваме сите заедно! Се гледаме наскоро, порачуваат доктори од Дебар

Сограѓани, ситуацијата е сериозна. Пикот допрва нè очекува, а каков ќе биде, зависи од сите нас! Сè ќе помине добро ако се почитуваат мерките, порачуваат д-р Вангел Нечевски и д-р Зекирја Шаини, директно од кризното жариште во Дебар. Лекарската комора на Македонија на својата фејсбук-страница сподели приказна за двајца лекари од Дебар.

- Почитувајте ги мерките! Седете дома! - апелираат докторите.

Непосредно по прогласување на Дебар за жариште на Ковид-19, на самото место на помош на малобројниот тим од двајца локални инфектолози и еден епидемиолог, покрај другите, дојдоа и проф. д-р Миле Босилковски од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и д-р Вангел Нeчевски и д-р Зекирја Шаини од Клиниката за пулмологија и алергологија.

Работата во Дебар се одвива во две смени, вклучувајќи ги и викендите.

- Секојдневно се контролираат веќе дијагностицираните пациенти со Ковид-19, кои се со лесна и средно тешка клиничка слика, и се извршуваат прегледи на симптоматски пациенти на кои им се зема брис и се третираат според потребите. Секојдневните прегледи се извршуваат амбулантски во Општа болница - Дебар или се оди во домашна посета. Брисевите се праќаат во Скопје и секојдневно се добиваат резултати. Пациентите што се со тешка клиничка слика или имаат акутно влошување итно се праќаат во Скопје, превентивно да не ескалира нивната состојба, знаејќи го можниот непредвидлив тек и можната дестабилизација на состојбата што може да ја приреди вирусот - велат докторите.

Тие велат дека медицинските лица во Дебар добиваат соодветна опрема за заштита и безбедна работа со заразени пациенти, според потребите и барањата. Во постојана комуникација се со директорот на болницата, д-р Баки Алили, кој им помага во работата и воспоставува добра логистика.

- Колеги, медицински лица, секогаш носете заштитна опрема со кој било пациент. Да имаме сила и трпение да ги прегледаме сите пациенти и да им објасниме за сериозноста на состојбата, како и мерките што мора најсериозно да ги почитуваат. Најважен дел е да водите сметка за тоа како се става, како се раководи и како правилно се вади и одлага опремата. Да се чуваме сите заедно! Се гледаме наскоро - порачуваат докторите од Дебар.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот