X
 20.03.2020 Здравје

Тројца новозаразени со коронавирус во Македонија, вкупно 70 заболени, еден е критичен

Во првите три месеци од вирусот се заразиле околу 100.000 луѓе во светот, а само во последните 12 дена евидентирани се уште 100.000 нови случаи

Тројца нови позитивни граѓани на коронавирусот се регистрирани во Македонија. Вкупниот број на заболени во моментот е 70. Сите се во стабилна состојба освен сопругата од брачниот пар од Дебар, која од синоќа е влезена во критична состојба, соопшти на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Првпат пресот се одржува без присутни новинари, кои претходно требаше да ги испратат прашањата преку е-пошта, а Филипче опширно ги одговараше сите.

Во првите три месеци од вирусот се заразиле околу 100.000 луѓе во светот, а само во последните 12 дена евидентирани се уште 100.000 нови случаи. Филипче потенцира дека ова е показател колку брзо се шири заразата. Во моментот има околу 250.000 инфицирани, во последните 12 часа евидентирани се 16.556 нови случаи на новозаразени и 828 смртни случаи.


- Од вчера обединети се лабораториите на Институтот за јавно здравје и во болницата „Филип Втори“. Од 43 тестирани, тројца се позитивни. Една жена што била во посета во Србија, бабата на четиригодишното девојче од Штип и уште еден пациент во Скопје. Сите 70 биле во контакт со заразено лице или со носител на вирусот во фаза на инкубација. Немаме таканаречени заболени од автохтон извор - потенцира Филипче.

Сите заболени се од Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и од Охрид. Сите со стабилна – лесна и средна клиничка слика освен критичната пациентка. Има пациенти што доброволно одлучиле да бидат на домашно лекување, а лекарите оцениле дека се во состојба да го поднесат тоа. Средната возраст на болните е околу 40 години, со исклучок на четиригодишното девојче. Една пациентка е сосема оздравена и уште двајца речиси оздравени.

- Се надевам дека и критичната пациентка ќе ја надмине кризата. Правиме сè што можеме за да ѝ помогнеме – рече Филипче.

Во Македонија има 120 респираторни машини. Процените се дека 5% од заболените ќе имаат потреба од респраторна машина – 50 од 1.000 заболени. Набавките се во тек. Од Бразил се набавени 1.000 респиратори кои се заглавени во моментот поради одлука за забрана на извоз на тамошните власти. Денеска Кина потврдила дека се одобрени 200 респираторни машини за Македонија и тие треба во најскоро време да пристигнат.

Во Македонија се направени вкупно 888 теста, лабораториите располагаат со 1.400, се очекуваат уште 1.000 од донации и уште толку ни следуваат поради пандемијата. И во секое време има 300 теста во „Филип Втори“.

Од утре ќе работат два пункта за тестирање во поликлиниките „Чаир“ и „Јане Сандански“ – сите ќе можат телефонски да закажат тестирање преку системот „Мој термин“.


- Се лиферуваат секакви информации. Нема потреба од сензационализам, бројот на заразени ќе расте, го очекуваме тоа. Затоа се воведуваат сите мерки за превенција и заштита. Свесен сум дека животот на сите ни се смени, не е лесен, но мора да сфатиме дека изолацијата е единствен начин да го спречиме ширењето на заразата - рече Филипче.


Тој на седницата на Владата закажана за попладне ќе препорача и заострување на мерките и забраните, бидејќи голем дел од препораките не се почитуваат. МПЦ, ИВЗ и Католичката црква се обрзале дека нема да има масовни собири.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје