По мирен почеток на летото, бројот на новозаразени лица со коронавирусот повторно расте. Научниците велат дека зад растот стојат потсоевите на омикрон БА.4 и БА.5.
Што се БА.4 и БА.5?
Тоа се потсоеви на омикрон кои биле откриени во април од страна на јужноафриканскиот научник Тулио де Оливеира. Тој го открил и сојот омикрон минатата година. Во текот на пролетта првиот откриен потсој на омикрон, БА.1 бил потиснат од позаразниот потсој БА.2, кој предизвикувал послаби симптоми.
Фото: Pixabay
Некои истражувања покажуваат дека БА.4 и БА.5 се потсоеви на БА.2, но тие имаат и сопствени мутации.
Дали се поопасни од другите соеви?
Потсоевите БА.4 и БА.5 во протеинските шилци на коронавирусот ги носат мутациите Л452Р и Ф486В. Тие мутации им помагаат полесно да ја заобиколат имунолошката реакција. Мутацијата Л452Р била присутна кај делта-сојот, а се поврзува со потежок облик на болеста отколку кај потсоевите БА.4 и БА.5.
Зошто се шират глобално?
Според Кристијан Алтос, епидемиолог од Универзитетот во Берн, се чини дека потсоевите се способни да ги заразуваат луѓето кои се имуни на порани облици на омикрон и други соеви. Тој посочил и дека поголемиот дел од светот, освен Азија, малку го контролира коронавирусот, што доведува до зголемено ширење на потсоевите.
Како и со другите, и овие потсоеви ќе престанат да се шират кога доволно луѓе ќе имаат имунитет на нив. Алтос проценува дека во Швајцарија околу 15 отсто од населението ќе се заразат со некој од потсоевите.
Ќе расте ли бројот на хоспитализирани?
Научниците сметаат дека стапките на хоспитализирани пациенти ќе се разликуваат од земја до земја. Во Јужноафриканската Република стапките на хоспитализација и смртност биле помали во брановите на зарази со потсоевите на омикрон.
Меѓутоа, ситуацијата била различна во Португалија, каде што и покрај високиот процент на вакцинирани жители, растеле хоспитализациите и смртните случаи поради големиот раст на новозаразени лица со БА.4 и БА.5. Процентот на смртност и хоспитализации бил сличен како за време на бранот на зарази со БА.1 и БА.2.
Колку се ефикасни вакцините?
Вакцините се помалку ефикасни во заштитата од потсоевите на омикрон. Според неодамна спроведено истражување во САД, антителата се неколку пати послаби во заштитата од потсоевите БА.4 и БА.5. Меѓутоа, сепак се очекува вакцинирањето да даде значајна заштита од тежок облик на болеста.
Фото: Pixabay
Фармацевтските компании работат и на вакцини кои би нуделе посилен имунолошки одговор на потсоевите БА.4 и БА.5, кои би можеле да бидат достапни наесен, иако во ограничени количини.
Што нè очекува во иднина?
Според Кеи Сато, виролог од Универзитетот во Токио, никој не може да каже дека БА.4 и БА.5 се последни потсоеви. Многу е веројатно дека ќе се појават нови потсоеви на омикрон, според него. Меѓутоа, епидемиолошките истражувања покажуваат дека брановите се сè поблаги, иако овој тренд не треба да се зема здраво за готово. Освен тоа, не се знае кога ќе се појави следен сој.
Алтос очекува новите соеви да бидат поретки како што се зајакнува глобалниот имунитет по вакцинирањето и заразувањето. Една можност е коронавирусот да стане сезонски вирус кој ќе достигнува врв во текот на зимата и со кој луѓето ќе се заразуваат просечно еднаш на секои три години.
Извор:
Jutarnji
Насловна фотографија: Pixabay