X
 23.03.2021 Наука

Поради глобалното затоплување, летата би можеле да траат 6 месеци

Летото на северната хемисфера би можело да трае шест месеци до 2100 година доколку глобалното затоплување продолжи со исто темпо како досега, покажува ново истражување за влијанието на климатските промени врз годишните времиња. Истражувачите откриле дека климатските промени навистина ги прават летата потопли и подолги, а ги скратуваат другите годишни времиња. Овие промени може да имаат влијание врз здравјето, земјоделските култури и околината, меѓу другото.

Јупинг Гуан, главен автор на истражувањето и океанограф во лабораторија при Кинеската научна академија, објаснува дека годишните времиња дејствуваат како биолошки часовник за сите живи суштества и нивното менување ќе влијае врз сите.

Во истражувањето Гуан и неговите колеги анализирале податоци за климата од 1952 до 2011 г. и откриле дека летата се продолжиле од просечно 78 дена на просечно 95 дена во годината во овој период. Од друга страна, зимите се пократки за просечно три дена и траат околу 73 дена. Траењето на пролетта просечно се намалило од 124 дена на 115 дена, додека на есента од 87 дена на 82 дена.


Фото: Pixabay

Истражувачите ги искористиле податоците за да направат модел за предвидување на промените во годишните времиња во иднина доколку не се промени ништо и откриле дека летата на северната хемисфера би можеле да траат речиси шест месеци, а зимите помалку од два месеца до 2100 година.

Промените во годишните времиња носат ризици за околината и здравјето на луѓето, пишува Ен-би-си. Подолгите и потопли лета би резултирале во поголемо ширење на болести преку комарците и други инсекти. Истовремено, промените во годишните времиња би можеле да влијаат врз циклусите на растење на растенијата и животните.

- На пример, цвеќиња би можеле да растат, но може да нема пчели да ги опрашат - објаснува Скот Шеридан, експерт за клима од државниот универзитет на Охајо „Кент“, кој не бил вклучен во истражувањето.

Автор: Денис Чау
Извор: nbcnews.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука