Додека стакленичките гасови ја затоплуваат површината на Земјата, тие исто така предизвикуваат и брзо ладење високо над нас, на работ на вселената.
Всушност, горната атмосфера околу 90 километри над Антарктикот се лади со стапка 10 пати побрза од просечното затоплување на површината на планетата.
Ново истражување прецизно го мери ладењето и носи важно откритие - нов четиригодишен температурен циклус во поларната атмосфера. Резултатите, кои се базирани на 24-годишно континуирано мерење од страна на австралиските научници на Антарктикот, беа објавени месецов во два труда.
Резултатите покажуваат дека горната атмосфера на Земјата, во регион наречен мезосфера, е екстремно чувствителна на сè поголемите концентрации на стакленички гасови. Тоа дава нова можност за следење колку добро функционираат интервенциите на владите за редуцирање на емисиите.
Проектот го следи и спектакуларниот феномен на ноќни светлечки облаци. Иако се убави, се почестата појава на овие облаци се смета дека е лош знак за климатските промени.
Уште од 1990-тите научниците во истражувачката станица „Дејвис“ направиле повеќе од 600.000 мерења на температурите во горната атмосфера над Антарктикот. Тоа се правело со користење на сензитивни оптички инструменти наречени спектрометри. Тие инструменти го анализираат инфрацрвеното зрачење од таканаречените хидроксилни молекули, кои постојат во тенок слој околу 87 километри над површината на Земјата. Тој сјај на воздухот овозможува мерење на температурата во овој дел од атмосферата.
Резултатите покажуваат дека во високата атмосфера над Антарктикот, јаглеродниот диоксид и другите стакленички гасови го немаат затоплувачкиот ефект кој го имаат во пониската атмосфера (преку судирање со други молекули). Наместо тоа, вишокот енергија зрачи во вселената и предизвикува ефект на ладење.
Новите истражувања утврдуваат колкава е стапката на ладење. Во тек на 24 години температурата на горната атмосфера се оладила за околу три степени Целзиусови или 1,2 степени за една деценија. Тоа е околу 10 пати повеќе од просечното затоплување во пониската атмосфера - околу 1,3 степени Целзиусови во текот на изминатиот век.
Климатските промени предизвикани од човекот се закана за радикално менување на условите за живот на нашата планета. Во текот на следните неколку децении (значи помалку од еден животен век) се очекува зголемување на просечната температура на воздухот, што со себе ќе донесе и зголемување на нивото на морето, временски екстремности и промени на екосистемите низ светот.
Долготрајното следење е важно за да се измери промената и да се тестираат и калибрираат дури и посложени климатски модели. Точноста на моделите е клучна за утврдувањето дали владините и другите интервенции за справување со климатските промени се навистина ефикасни.
Извор и насловна фотографија:
Science Alert