Дискусијата за климатската криза што се одвива на „Твитер“ се обликува од автоматизирани објави, покажува нова анализа.
Според анализата, една четвртина од сите објави на оваа социјална мрежа што се за климата се од ботови, открива „Гардијан“. Големиот број ботови на „Твитер“ ја менуваат дискусијата на социјалната мрежа. Како резултат на тоа постојат повеќе објави што ги негираат климатските промени отколку што би имало без ботовите.
Анализата била направена на милиони објави од периодот кога Доналд Трамп објавил дека САД ќе се повлечат од Парискиот договор. Според податоците, ботовите најчесто ги поздравувале активностите на американскиот претседател и ширеле лажни информации од областа на науката. Анализата била направена од страна на универзитетот „Браун“.
Фото: Pixabay
Ботови се вид софтвер кој може да се научи автоматски да објавува или да испраќа пораки на „Твитер“, притоа изгледајќи како обичен корисник на мрежата. Во еден просечен ден 25% од сите објави за климатската криза биле од ботови. Процентот бил повисок за одредени теми. Така, ботови стоеле зад 38% од објавите за „лажна наука“ и зад 28% од сите објави за нафтениот гигант „Ексон“.
Од друга страна, објавите што може да се класифицираат како активизам за поддршка на активности во борбата против климатските промени ретко биле од ботови, односно биле од страна на ботови само во 5% од објавите.
Истражувачите анализирале 6,5 милиони објави. За да се препознаат ботовите, се користела алатка наречена ботометар. Истражувачите не успеале да ги пронајдат индивидуалците или групите што ги создавале ботовите.