X
 11.04.2023 Технологија

Можеме ли да се потпреме на вештачката интелигенција при носење одлуки?

Последниве месеци многу се зборува за вештачката интелигенција и нејзината примена. Но корисниците на апликациите како „Чет-ГПТ“ често имаат доверба во одговорите иако не знаат колку се валидни.

Експертот Мет Гравич пишува за „Сајколоџи тудеј“ дека многу препораки на апликациите кои користат вештачка интелигенција имаат висок степен на грешка, што може да има лоши последици за корисниците.

Како што пишува Гравич, лесно можеме да обвиниме луѓе кои прифатиле препорака на апликација без да ја проверат.

Меѓутоа, што кога вештачката интелигенција е извор за дополнителната информација која треба да ја провери оригиналната препорака? Се поставува прашањето дали воопшто може да ѝ се верува на вештачката интелигенција?

Доказите покажуваат дека одговорите на апликациите за вештачка интелигенција може да зависат од погледите на програмерите на самите апликации. „Чет-ГПТ“ понекогаш уредува некои информации за да се одбегнат неточни или навредливи информации. Освен тоа, дел од ова уредување може да ги одразува вредностите и перспективите на компанијата „Опен АИ“ и нејзините вработени до одредено ниво.


Фото: Pixabay

Секако, поголемиот дел од корисниците не сакаат ваквите апликации да даваат погрешни информации, што бара одредено ниво на уредување. Меѓутоа, тоа носи опасности, вели Гравич.

- Станува лесно да се премине од уредување и цензура на лажните информации до уредување и цензура на тврдења и аргументи со кои некој не се согласува - пишува тој.

Проблемите се јавуваат со оглед на тоа што она што може да се смета за навредливо е субјективно. Без стандарди за објективност, програмерите на апликациите за вештачка интелигенција стануваат одлучувачи.

- Што доколку еден од програмерите ја смета за штетна некоја точна информација? Дали тоа би било цензурирано? Зарем тоа не би создавало систем во кој многу мала група на луѓе има моќ да одлучува кои информации ги добиваме? Би можело ли тоа да доведе до можни ненамерни последици? - прашува Гравич.

Извор: Psychology today
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија