Во репро-центарот живеат 60 единки, се очекува можноста да се набљудуваат значително да ја зголеми атрактивноста на паркот. Инаку, опстојуваме на одлуката за забранет лов. Чуварската служба внимава и секој што ќе биде фатен со оружје, ќе добие пријава, вели Бојаџи
Европскиот елен се врати во својот некогашен дом - планината Галичица. Благодарение на репродуктивниот центар сместен во националниот парк Галичица, изграден во 2019 година, сега има над 60 единки. Тоа е двојно повеќе од почетокот, кога беа донесени 24 женки и шест мажјаци. Годинава првпат ќе се пуштат одреден број возрасни елени надвор од репро- центарот. Со тоа се очекува за десетина години природната популација на европскиот елен во националниот парк да стане самоодржлива и способна да обезбеди активност барем на дел од високопланинските пасишта.
Андон Бојаџи
- Реинтродукција или повторно внесување на европскиот елен на падините на Галичица значи дека европскиот елен бил присутен на оваа планина во минатото. Немаме податок кога исчезнал или кога е регистрирана последната единка. Се претпоставува дека тоа било пред повеќе од сто години. Присуството е утврдено и со наоѓање рогови. Дури и во подводните истражувања во Заливот на коските се пронајдени рогови, што потврдува дека европскиот елен бил присутен на овие простори - вели Андон Бојаџи, раководител на одделението за заштита на природата во Јавната установа национален парк „Галичица“.
Европскиот елен може да се навикне на присуството на луѓето
Елените преферираат мозаични живеалишта, испреплетени со шума, ливади и пасишта, па затоа Галичица им одговара како простор за опстојување. Репродуктивниот центар опфаќа 90 хектари од паркот, ограден е со жичена ограда висока 2,30 метра. Во рамките на репродуктивниот центар се поставени хранилки, солишта, објект за чување храна, поилишта, како и приспособена локва, која во летниот и сушен период овозможува снабдување со потребното количество вода, со што се обезбедени сите услови потребни за непречен живот на елените. Секој втор ден вработени лица од паркот го посетуваат репро-центарот каде што ги извршуваат потребните активности поврзани со снабдување храна, проверка на оградата и слично.
- Преамбициозно е да се каже дека eвропскиот елен како животно може да се припитоми, но се приспособува на луѓето, се привикнува и ако во долг временски период се присутни луѓе и не го вознемируваат, тој дозволува да му се доближат. Се навикува на човекот, но не се припитомува - додава Бојаџи.
Вработените ја контролираат бројноста на единките и со помош на камери (фотозамки) кои детектираат движење, а фотографиите автоматски се испраќаат по е-пошта до Јавната установа. Интересна ситуација се случила минатата година кога било забележано присуство на уште еден мажјак повеќе од почетните шест мажјаци. Бојаџи раскажува дека најверојатно таа единка е претставник на дивата фауна на елени кои во мал број егзистираат во паркот, а која привлечена од условите во репро-центарот, вклучително и од феромоните на другите единки, се префрлила преку оградата и им се придружила.
Помагаат во зачувувањето на тревните екосистеми
Од Јавната установа очекуваат зголемено присуство на елени во природата на паркот и сметаат дека можноста да се набљудуваат во дивината значително ќе ја зголеми атрактивноста на паркот за поголем број посетители. Со тоа сакаат да придонесат за зголемување на свеста за потребата од заштита на природното наследство што го поседуваме.
Целта на паркот е да обезбеди активно управување со високопланинските пасишта како секундарен хабитат со помош на дива фауна. Значаен дел од територијата на паркот се полуприродните високопланински пасишта. Настанале во содејство со човекот кој воспоставил традиционален режим на користење што го практикувал во многу долг временски период. Редовното напасување од големите стада овци, но и косењето на тревата, како и повременото палење на пасиштата создале вреден екосистем со исклучителна биолошка разновидност и особени пределски вредности. Одржувањето на овој екосистем е возможно само со негово активно управување, односно користење без разлика дали тоа ќе се обезбеди со домашна стока или со здрава популација на диви тревопасни животни.
- Драстичното опаѓање на интересот за сточарство и изостанокот на користење на високопланинските пасишта предизвика процес на сукцесија. Можеме да очекуваме значаен дел од овие живеалишта во долг временски период да се променат и да изгубат дел од својата биолошка разновидност и пределските вредности. Бидејќи не е реално да очекуваме сточарството повторно да стане атрактивно, особено не на стариот традиционален начин. ЈУНПГ преку повторно внесување на европскиот елен се обидува да обезбеди активно управување со овие екосистеми со цел да се зачувува барем еден дел од овие природни вредности - додаде Бојаџи.
Евидентирано присуство и на балканскиот рис
Покрај елените, се зголемува и популацијата на другите цицачи, а на Галичица минатата година на неколку поставени фотозамки беше евидентирано присуство на балканскиот рис. Ова загрозено животно беше забележано на оваа планина по пауза од четириесетина години. Исто така, зголемен е бројот на сите цицачи, меѓу кои и волци и мечки.
- Клучната активност на вработените е да обезбедат мир и заштита во подрачјето, со што животните непречено ќе егзистираат. Откако ревносно спречуваме бесправен лов и вознемирување, имаме значително зголемена популацијата на сите цицачи. Јавно е соопштено дека ловот во националниот парк е забранет. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со Законот за ловство ги поистовети комерцијалните ловишта со заштитените подрачја за да наметне обврска за изготвување посебни ловно-стопански основи вклучително и за заштитените подрачја. ЈУНПГ се спротивстави на ваквата одредба бидејќи ловот во националниот парк Галичица е забранет. Во паркот има чуварска служба која редовно ја следи ситуацијата на терен и на секој што ќе биде фатен со оружје, ќе му биде поднесена пријава. Во моментот ревносно опстојуваме на одлуката за забранет лов - вели Бојаџи.
Националниот парк Галичица е подрачје кое изобилува со биолошка разновидност и природни убавини како ретко која планина во Македонија, но и пошироко во регионот. Концентрацијата на вредности беше причина државата да го прогласи за заштитено подрачје во категоријата национален парк и да обезбеди режим на заштита и управување со овие вредности за тие да бидат сочувани и одржувани за идните генерации.
Фото: приватна архива