Иако „Нетфликс“ објави голем број серии во изминатите неколку години, голем дел од нив не доживеаја втора сезона. На пример, серијата „Браќата Сонцето“ (англ. The Brothers Sun) може да се пофали со одлични критики, но серијата беше откажана по само неколку месеци од премиерата.
Сериите како „Рачед“ (англ. Ratched) имаа најави за нови сезони, но тие никогаш не ја видоа светлината на денот. Дури и психолошкиот трилер на Дејвид Финчер, „Ловец на умови“ (англ. Mindhunter) не успеа да добие трета сезона. Ова толку многу ги погоди обожавателите што минатата година тие организираа онлајн петиција во која ги повикаа креаторите на серијата да направат уште една сезона. Петицијата ја потпишаа повеќе од 50.000 луѓе.
Ако се прашувате зошто се случува ова, „Нетфликс“ има начин со чија помош одлучува дали ќе задржи или ќе откаже некоја серија. Според „Форбс“, сѐ зависи од таканаречената стапка на завршување која одредува колкав процент од гледачите ја гледаат серијата докрај и дали тоа може да претставува лојална публика која би гледала уште една сезона.
Сериите што имаат повеќе од 50 отсто гледање докрај имаат поголеми шанси да добијат уште една сезона, додека оние што не можат да задржат ниту половина од публиката, најчесто се откажани. Исто така, буџетот и вкупната гледаност играат улога во конечната одлука. Ако снимањето е скапо, серијата е подложена на повисоко ниво на контрола од страна на носителите на одлуки.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube