X
 30.08.2017 Технологија

Алгоритам предвидува што ќе се случи во „Игра на троновите“

Фановите на епската приказна на Џорџ Р.Р. Мартин можеби ќе мораат да почекаат до 2019 година за да го погледнат крајот, со оглед на фактот дека телевизиското шоу „Игра на троновите“ веќе е и пред книгите.

фото извор: HBO/Game of Thrones

Верувале или не, во моментите на нетрпение и исчекување на новите епизоди, алгоритам е задолжен за пишување на шестата книга и предвидувањата поддржуваат некои од теориите на фановите. Софтверскиот инженер Зек Тоут стои зад алгоритамот кој предвидува што ќе се случи следно во приказната.

Алгоритамот, кој се базира на вештачка интелигенција, содржи неколку предвидувања, меѓу кои и оние дека Џејми ја убива Серсеи, Џон јава змеј и Варис ќе ја отруе Данаерис.

Можете да ги прочитате сите поглавја на веб-страницата на овој проект. Секое поглавје започнува со името на еден лик, исто како и книгите на Мартин. Сепак, со вештачката интелигенција се прикажуваат и некои неочекувани сценарија, кои најверојатно нема да бидат дел од книгите, ниту пак од серијата. На пример, во првото поглавје креирано од алгоритамот, напишано од перспектива на Тирион, Санса излегува дека е Баратеон.

Исто така, има претставување на чуден, нов лик, сличен на пират, наречен Гринбирд.

Ваквиот алгоритам е инспириран од способноста на човечкиот мозок да памти и да следи инструкции, но и да учи од минатите искуства. Оваа нервна мрежа е специфична, па работи најдобро кога е во прашање процесирање на долги секвенции на податоци, како што е во овој случај, долги текстови од петте претходни книги. Во теорија, алгоритамот треба да создаде вистинска секвенца за постојното творештво на Мартин, базирано на работите што веќе се случиле во книгите.

Но, во практика, пишувањето е во голема доза без смисла и често се споменуваат ликови што веќе се мртви. Едно од главните ограничувања е тоа што книгите едноставно не содржат доволно податоци за алгоритамот. Иако сите што ги прочитале ќе тврдат дека се навистина обемни, сепак тоа не е доволно за нервна мрежа да научи шеми. Креаторот на алгоритамот вели дека работите би биле подобри кога книгата би била 100 пати подолга, но би содржела ниво на речник како за детска книга. Секако, тоа би ја уништило целта на серијата, која е толку многу сакана од фановите во светот.

Можеби алгоритамот и успеал во некои од предвидувањата. За да се види дали е така, ќе треба да се почекаат новите епизоди.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија