X
 23.06.2026 Живот

Паметен ѓердан ја штити кожата од УВ-зраци и предупредува на опасност од сонцето

Додека компаниите се тркаат да додадат вештачка интелигенција во речиси секоја функција на своите уреди, американската фирма „Ди90“ се фокусира на едно конкретно прашање - колку минути можеме да поминеме на сонце пред кожата да ни го наплати тоа?

Паметниот ѓердан, под името „Џем“, во реално време ја следи изложеноста на УВА- и УВБ-зраци и ги предупредува корисниците кога е време да одат под сенка или да намачкаат слој крем за сончање. Со други зборови, пристигна приврзок кој не ги мери чекорите и не го анализира сонот, туку се обидува да ја спречи штетната изложеност на кожата на УВ-зрачење.

Од што се состои уредот

Во уредот се наоѓа напреден сензор за ултравиолетово зрачење кој е сместен во куќиште од титаниум. Приврзокот се носи околу вратот, а претходно треба да го поврзете со апликација на мобилниот телефон на која во реално време можете да следите колку вашата кожа била изложена на сончево зрачење.



Што сè содржи апликацијата

На апликацијата со која е поврзан уредот корисниците можат да го следат проценетото време до појава на изгореници, како и индикаторите за долгорочното влијание на УВ-зрачењето врз стареењето на кожата. Меѓу известувањата, на пример, може да се појави предупредување: „Моментално сте на силно сонце. Ризикот од изгореници е многу висок, а долгорочното влијание врз стареењето на кожата се зголемува побрзо од вообичаено“.

Покрај следењето на УВ-изложеноста, апликацијата овозможува и внесување детали за заштитата од сонце. Апликацијата ги зема предвид и типот на кожата, користењето кремови за заштита од сонце и препораките за побезбедни периоди на изложување на сонце врз основа на моменталните услови. Така, корисниците можат да го изберат факторот СПФ (од 15 до 75+), количината на нанесена заштита (малку, средно или многу), како и типот на препаратот (дали станува збор за минерален или хемиски заштитен крем). Врз основа на овие податоци, системот попрецизно го проценува нивото на заштита и ризикот од оштетување на кожата.

Батерија и полнење

Компанијата тврди дека батеријата на овој уред трае до седум дена. За целосно да се наполни, потребни се околу два часа. Отпорен е на прскање со вода, но препораката е да не се потопува целосно во вода.

Извор: forbes
Фото: принтскрин/инстаграм

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот