X
 23.08.2018 Живот

Сиромашен милијардер - има 20 милијарди долари, но не може да дојде до нив

Еден од најбогатите Индијци, тајкунот Палонџи Мистри, е најнесреќниот милијардер на светот. Тој не може да дојде до своето огромно богатство од 20 милијарди долари бидејќи се заробени во акции на најголемиот индиски конгломерат „Тата груп“, меѓу другото, сопственик на компанијата „Тата моторс“, најголемиот национален производител на автомобили.

Проблемите започнаа откако синот на Мистри, Сајрус, беше протеран од функцијата претседател на „Тата груп“, која ја држеше од 2011 година, а фамилијата Тата ги заплени неговите акции, кои сочинуваат 20 отсто од вкупните акции на компанијата. Иако веќе две години Палонџи се обидува да дојде до своите акции, фамилијата Тата - сопственик на конгломератот вреден повеќе од 100 милијарди долари - упорно го спречува во тоа.

Минатиот месец постариот Мистри претрпе нов удар. Имено, фамилијата Тата успеа да издејствува промена на работните правила во својата компанија со која ги ограничува сите акционери во слободната продажба на уделот. Одлуката беше призната од индиската влада, а тоа значи дека Мистри, со удел од речиси 20 отсто во компанијата, не може да ги продаде своите акции без претходно одобрение од управниот одбор на „Тата груп“, со кој е во војна.

Но, ситуацијата не била отсекогаш ваква. Заднината на случајот на богатиот сиромав Мистри станува појасна кога ќе се погледне необичниот однос меѓу фамилиите Мистри и Тата, кои војуваат речиси еден век.

Делот што Мистри денес го држи во компанијата уште во далечната 1936 година бил стекнат од страна на неговиот татко, Шапурџи Мистри. Шапурџи се занимавал со градежништво, а неговата градежна компанија стои зад некои од најпознатите градби во Мумбај. Како точно Шапурџи успеал да дојде до тој удел во компанијата, не е познато, но се претпоставува дека ги откупил од браќата и сестрите на тогашниот претседател на „Тата груп“, Џехангир Ратанџи Дадабхој, кога компанијата се занимавала со челик. Дополнително, фамилијата Тата е позната и денес како многу затворена заедница и тие ретко пуштаат аутсајдери во својот бизнис.

Сајрус Мистри
Фото: Novac

Таткото на Мистри починал кон средината на 70-тите и целиот удел во компанијата му го префрлил на својот син Палонџи, роден 1929 година. Тој ја презел и неговата градежна компанија и решил да ги поправи и приватните и финансиските односи со богатата династија Тата. Мистри се оженил со Патси Перин од Ирска и добил ирско државјанство. Набрзо му се родиле децата Сајрус и Алу.

Во тоа време функцијата претседател на „Тата груп“ ја презеде Ратан Тата, а Мистри сфатил дека тоа е вистински момент да се зацементира врската меѓу двете фамилии. Договорил брак меѓу својата ќерка Алу и братот на Ратан, Ноел Тата, и со тоа конечно станал дел од фамилијата. Во меѓувреме, компанијата на Мистри, „Шапурџи Палонџи“, зајакнувала и станала една од најјаките компании што се занимаваат со градежништво во Индија. Под своја закрила зел уште неколку компании со комбиниран годишен промет од над 4 милијарди долари. Оттогаш, па до денес, според „Форбс“, Мистри никогаш не се мешал во работата на компанијата „Тата“.

Уште поголема чест на Мистри му била оддадена во 2011 година, кога за претседател на „Тата“ бил именуван неговиот син Сајрус. Тоа беше првпат во речиси 80 години претседателската фотелја да ја преземе некој надвор од фамилијата Тата. Меѓутоа, идилата не траела долго. По пет години управниот одбор на „Тата груп“ изненадно одлучил да го разреши Сајрус од должноста. За таа одлука не беше дадено никакво објаснување, а тоа е и првпат во 150-годишната традиција на „Тата груп“ претседателот да биде протеран од функцијата. Која е причината за војната меѓу двете можеби најбогати индиски фамилии, може само да се нагаѓа, но борбата за милијардите сѐ уште трае. Судскиот епилог допрва доаѓа бидејќи случајот наскоро би можел да се најде и на индискиот Врховен суд.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот