Рекорден број супербогати Норвежани ја напуштаат земјата и се преселуваат во земји каде што даноците се пониски откако Владата го зголеми данокот на богатство за 1,1 отсто.
Повеќе од 30 норвешки милијардери и мултимилионери ја напуштија Норвешка минатата година, покажува истражувањето на весникот „Дагенс нерингслив“. Бројот на супербогати луѓе што ја напуштиле Норвешка минатата година бил поголем отколку во претходните 13 години.
Се очекува повеќе богати Норвежани да ја напуштат земјата оваа година поради зголемувањето на данокот на богатство, што ја чини Владата десетици милиони евра изгубени даночни приходи. Многумина се преселиле во Швајцарија, каде што данокот е многу помал.
Меѓу оние што се преселиле е и индустрискиот тајкун Кјел Инге Роке, кој се преселил во Лугано, во близина на езерото Комо. Роке е четвртиот најбогат Норвежанец, чие богатство се проценува на 1,65 милијарди евра. Тој вели дека го избрал Лугано за негов нов дом, кој не е ниту најевтин ниту има ниски даночни стапки, но за возврат е на одлично место во Европа.
Неговото заминување ќе ја чини оваа скандинавска земја околу 15 милиони евра годишно. Минатата година Роке се најде на првото место по платен данок како поединец, а весникот пресмета дека од 2008 година уплатил близу 132 милиони евра во државната каса.
Оле Џемс-Онстад, професор од Норвешката бизнис-школа, вели дека луѓето што ја напуштиле земјата имаат вредност од 52,5 милијарди евра.
- Ми се чини дека сето ова е малку како Брегзит. Заминувањето на претприемачите од земјата предизвика шок. Некои политичари ги обвинуваат богатите луѓе за заминувањето, но мислам дека на многу обични луѓе едноставно не им се допаѓа што нашите најдобри инвеститори ја напуштаат земјата - вели Џемс-Онстад.
Брокерот Торд Уланд Колстад, чие богатство се проценува на околу 132 милиони евра, се преселил во градот Бодо во Луцерн, Швајцарија.
- Не сакав да се преселам, но зголемените даноци на актуелната власт значат дека јас како основач и одговорен сопственик немам избор - вели тој.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik