X
 23.08.2019 Наука

Зошто мачките јадат трева?

Исхраната на милениците е прашање за кое луѓето имаат различни мислења. Кога станува збор за кучињата, според она што може да се најде на нивното мени - од остатоци од ручекот, преку чудни предмети до измет - можеме да ги наречеме сештојадци.

Од друга страна, мачките се миленици кои се познати по нивната пребирливост. Она што им е заедничко и на едните и на другите е дека повремено можеме да ги затекнеме како јадат трева. Кај кучињата е утврдено дека причините за ваквото однесување се стомачните проблеми и вродениот начин на кој тие го спречуваат повраќањето. Меѓутоа, кога станува збор за мачките, оваа појава долго време била неразрешена.

Неодамна Меѓународното друштво за применета етологија одржа презентација во Берген, Норвешка, при што научниците понудија одговор за необичното однесување на мачките, кое многу луѓе го поврзуваат со стомачните тегоби.

Истражувачите од Калифорнискиот универзитет по три часа дневно го набљудувале однесувањето на 1.021 мачка. Излегло дека 71 процент од набљудуваните мачки во некој момент од денот џвакале трева. Четвртина од нив по џвакањето на тревата повраќале, а 91 отсто од сопствениците на тие мачки истакнале дека нивните миленици не изгледале како да се болни.

Со оглед на тоа дека мачките не применувале билна исхрана за самолекување, научниците претпоставуваат дека причината се крие во еволуцијата.

Поради тоа што мачките во текот на историјата главно сами ги ловеле своите оброци и најчест десерт им биле глувците, јадејќи ги овие глодачи, мачките внесувале и паразити. За да може по оброкот богат со паразити да го исчистат дигестивниот тракт, мачките џвакале трева.

Познато е дека тревата ја поттикнува активноста на мускулите на дигестивниот тракт на мачките, при што несаканите придружни состојки се исфрлаат од цревата со голема брзина.

Исто така, истражувањето покажало дека мачките помлади од три години повеќе консумирале трева од постарите, како и дека поретко повраќале по таа активност.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука