X
 14.04.2020 Живот

Истанбулските мачки и коронавирусот

Од избивањето на епидемијата на коронавирусот на социјалните мрежи се појавија објави за ризикот дека мачките го носат вирусот, предизвикувајќи страв дека би можеле да го пренесат и на луѓе. Но, во Турција се споделуваат малку поинакви објави за мачките.

Сега, кога животот на луѓето на улиците е намален во значителна мера и има помалку ѓубре и храна, многу бездомни животни останаа без главниот извор на исхрана. Во земјата која негува искрена љубов кон мачките владее огромна загриженост за нивната судбина.


Турција сѐ уште нема прогласено блокада на целата земја, но воведени се делумни ограничувања на движењето, а луѓето се повикуваат да останат дома, додека многу компании мора да ја прекинат работата. Училиштата се затворени, а сите помлади од 20 и постари од 65 години мора да останат дома.

За да им помогне на четириножните пријатели во овие тешки времиња, турското министерство за внатрешни работи побарало од месните заедници да обезбедат храна и вода во засолништата за животни, парковите и градините.

Бездомните кучиња исто така се опфатени со наредбата за хранење, која ја издаде министерството, но мачките уживаат неприкосновен приоритет во срцето на јавноста, особено во Истанбул.

Отоманското Царство можеби е далечно минато, но во поранешниот царски град во Турција живеат многу мачки кралици и кралеви - нивниот број се мери во десетици илјади.

Се проценува дека во Истанбул живеат 125.000 бездомни мачки.


Можат ли мачките да се заразат?

Истражувањата во Белгија и во Кина покажуваат дека мачките можат да добијат коронавирус од луѓето. Научниците покажаа дека мачките можат да се заразат со вирусот од други мачки. Меѓутоа, досега не е докажано дека домашните животни можат да им ја пренесат болеста на луѓето. Иако во ретки случаи мачките биле позитивни на тестот за коронавирус, не е познато дека некое животно досега се разболело.



Истребување на штетниците

Мачките во Турција се убедливо најомилените животни за чување дома и некогаш разликата меѓу бездомни и домашни миленици не е баш најсјајна. Мачките првпат се припитомени на Блискиот Исток пред околу 9.500 години. Многу цивилизации во регионот на Медитеранот со векови ги користеле за истребување на штетниците.

Постојат историски докази кои покажуваат дека долго пред Истанбул да потпадне под турска власт во 1453 година поранешните грчки и римски владетели во градот ги користеле мачките како чувари од чумата што ја пренесувале глувците.

Некои луѓе тврдат дека истанбулските мачки сѐ уште ја имаат клучната улога во контролата на популацијата на глодачите, но тоа тврдење е оспорено.


Омилени во исламот

Легендата вели дека кога мачка седнала покрај пророкот Мухамед и заспала на неговата облека, тој одлучил да го пресече ракавот за да може да стане и да се помоли, а да не ја вознемири.

Муслиманските теолози можеби имаат поразлично мислење за автентичноста на оваа анегдота, но во Турција таа не се доведува во прашање.

Исламската традиција во муслиманскиот свет ги доживува мачките како ритуално чисти животни, што им овозможува влез во домовите, па дури и во џамиите, а тоа е привилегија што им е строго скратена на кучињата.

Истанбулските мачки докрај ја искористуваат оваа привилегија, па слободно лутаат по јавните простори, без никакви пречки, вклучувајќи ја и подземната железница, која вози со ограничен режим од избивањето на епидемијата.


Постхумна слава

Некои мачки се посакани од другите, на пример, Томбили, кој станал маалска маскота во округот Зивербеј во Истанбул.

Кога тој пцовисал, жителите организирале кампања за донација со која ќе можат да платат уметник да ја овековечи оваа харизматична мачка.


Како резултат на тоа, тротоарот е украсен со бронзена статуа на Томбили како се одмара во омилената препознатлива поза.

View this post on Instagram

#tombili #9gag #🐱

A post shared by Tombili Kedi 🐱Tombili Cat (@tombilikedi) on


Автор: Емре Азизлери
Извор: Би-би-си на српски
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот