Еден од малиот број педагози кои во текот на 20 век помогнале за напредокот на начинот на кој размислуваме за воспитувањето деца е и Марија Монтесори. Оваа Италијанка е позната по осмислувањето кратки, мудри и лесно запаметливи правила кои на секој родител можат да му помогнат да израснат среќно и самоуверено дете.
Родителите кои не го почитуваат интересот на детето, оние кои сè однапред им планираат на своите деца, кои не допуштаат детето со својата помош да се развива, тие родители ги поништуваат основните начела на педагогијата Монтесори и скршнуваат од патот што ги следи методите на Монтесори.
Ви споделуваме неколку правила според Монтесори кои ќе ви помогнат да бидете најдобриот родител и на своето дете да му обезбедите светла иднина:
1. Децата учат од она што ги опкружува
Околината во која расне детето во првите три години од животот се пресудни за неговиот целокупен развој. Детето „впива“ неселектирани дразби од околината и учи од сè што го опкружува. Затоа и родителот треба да се потруди на детето да му овозможи слободно изразување на основните психички потреби за движење, преку дисциплина, вербално и со љубов.
2. Ако често го критикувате детето, тоа ќе научи да ги осудува другите. Ако детето често добива пофалби, ќе научи како да ги проценува другите.
Пристапот со награди и пофалби, Марија Монтесори го подредува во доменот на детскиот труд и ангажираноста и успешниот исход од тоа. Задоволството од извршената работа е награда за детето и не му се потребни дополнителни пофалби.
3. Почитувајте го детето и кога ќе погреши. На тој начин побрзо ќе ги исправи грешките.
Почитта што му ја изразуваат сите вклучени во воспитувањето на детето е основа на односот кој ќе резултира со одреден став кон околината во иднина.
Многу е важна слободата на избор на детето во врска со тоа со што ќе се занимава, и оттаму произлегува високата ефективност во процесот на учење, без разлика на нивото. И грешките се дел од учењето, но детето треба да се обидува да ги одмине пречките и правилно да ја реши задачата.
4. Ако детето живее во пријателска атмосфера и чувствува дека им е потребно на другите, ќе научи како да пронајде љубов.
Ако детето живее во пријателска атмосфера во која постојано го поттикнуваат, каде се уважува неговото право на избор на неговите интереси, нема да биде фрустрирано, ќе се чувствува исполнето и неговата самодоверба ќе биде висока.
5. Ако на детето му се дава поддршка, ќе биде самоуверено.
Помогнете му на детето рано во животот да ги совлада нештата. Тоа можете да го постигнете ако се погрижите светот што го опкружува да биде исполнет со приврзаност, мир и со љубов.
Да се поттикнува детето, е важно колку и набљудувањето на спонтаната љубопитност и на истражувачкото однесување. Марија Монтесори го воведува поимот период на посебна чувствителност. За родителите тоа е важен показател како да го конфронтираат детето со што повеќе дразби.
Станува збор за периоди кога кај детето е изразена склоноста само на одредени видови дразби на кои тоа реагира (учење на некои вештини, на пример, пишување). Затоа треба детето да се набљудува, навреме да се препознаат и да се реагира на нив, бидејќи тие периоди се временски ограничени. Само тогаш детето со леснотија, без умор и со веселост совладува одредени вештини.
6. Секогаш бидете подготвени да му помогнете на детето кога му е потребна помош, но и да стоите настрана кога детето пронашло сè што му е потребно.
Кога детето ќе ви пријде, секогаш послушајте го неговото прашање или молба и одговорете му.
На детето му е потребна помош, а не вие да ја завршите задачата наместо него: „Помогни ми сам/а да го направам тоа“, е многу важна девиза. Во секој случај тоа бара многу повеќе време, труд и трпение од родителите, но резултатите се трајни и детето е среќно затоа што самото ја совладало тешкотијата.
Најважно е да му бидете добар пример на своето дете, начинот на кој ќе се однесувате меѓусебе, кон својата околина и кон детето е основа на неговото идно однесување.
Марија Монтесори вели дека возрасниот човек тешко може да се промени, затоа треба да се почне со детето.