Американците сега се најбогата нација во светот, ги надминаа Швајцарците, додека богатството постепено се „топи“ во остатокот од светот како резултат на настаните околу Брегзит и трговската војна САД-Кина, покажува најновата студија на „Глобален извештај за богатството“ на германската осигурителна компанија „Алианц“.
Според студијата, просечниот финансиски нето-имот на луѓето што живеат во САД е 184.411 евра (203,128 американски долари) по глава на жител, наспроти 173.838 евра колку што е приватното богатство на Швајцарец.
Тие податоци се за 2018 година.
Подемот на САД на врвот на листата со најбогати нации во голема мера се должи на силата на доларот, како и на американските домаќинства, кои се главните двигатели на растот на глобалниот проток на средства, бидејќи две третини од сите заштеди во индустријализираните земји доаѓаат од САД, соопшти осигурителната компанија.
Во извештајот се наведува и дека новото штедење означи глобален рекорд бидејќи се искачи за 22 проценти на повеќе од 2.700 милијарди евра. Ова се припишува на минатогодишната даночна реформа во САД, според која американските граѓани ги зголемуваат новите заштеди за 46 проценти.
Иако САД го зазедоа првото место во извештајот, Швајцарија сè уште е на врвот во однос на бруто-финансиските средства по глава на жител, со бројка од 266,318 евра во однос на 227,364 евра колку е за САД.
Сепак, нивото на долг во Швајцарија е далеку повисоко отколку во САД заради бројот на хипотеки. И Швајцарија и САД се далеку пред треторангираниот Сингапур, каде што вкупното финансиско нето-богатство по глава на жител е само 100.370 долари.
Извор: МИА