Бројот на починати од коронавирусот во САД надмина 160.000. Сепак, нова анкета покажува дека многу Американци би одбиле бесплатна вакцина за коронавирусот доколку им е понудена.
Во анкета спроведена од американската аналитичка компанија „Галап“, 35% од испитаниците изјавиле дека не би се вакцинирале доколку вакцина одобрена од Управата за храна и лекови во САД им биде понудена бесплатно.
Фото: Freepik
Очигледно има разлика и помеѓу републиканците и демократите. Според анкетата, поголемиот дел од оние што би одбиле да се вакцинираат се републиканци. 81% од испитаниците што се изјасниле како демократи би се вакцинирале, додека истото го изјавиле 47% од испитаниците што се изјавиле како републиканци. 59% од оние што биле политички неутрални изјавиле дека би се вакцинирале.
Процентите на оние што би се вакцинирале се поголеми кај младите и старите лица. 76% од младите на возраст од 18 до 29 години и 70% од старите лица изјавиле дека би се вакцинирале. 59% од оние на возраст помеѓу 50 и 64 години изјавиле дека би се вакцинирале.
Фото: Freepik
Во друга анкета спроведена во мај околу половина од испитаниците изјавиле дека би се вакцинирале. Анкетата покажала дека 49% би се вакцинирале, 20% не би се вакцинирале, а 31% изјавиле дека не биле сигурни дали би прифатиле вакцина.
Во тек е глобална трка за првата вакцина против
коронавирусот, иако експертите предупредуваат дека дури и со вакцина светот можеби не би се ослободил од коронавирусот. Антони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и заразни болести во САД, изјавил дека вакцината повеќе ќе биде алатка за контрола на пандемијата отколку за нејзина елиминација.
Автор: Даниел Полити
Извор:
slate.com