X
 08.06.2019 Образование

Сѐ повеќе американски студенти се гладни или се на улица

Сѐ повеќе американски студенти мачат мака со глад или бездомништво, покажуваат новите студии.

Во последното истражување на непрофитната организација „Надеж за колеџ, заедница и правда“ биле вклучени повеќе од 167 илјади студенти на 101 двегодишна програма на државен факултет и на 68 четиригодишни програми на универзитетите и факултетите.

Загрижувачки е податокот дека речиси половина од учесниците во истражувањето изјавиле дека во период од еден месец пред анкетирањето барем еднаш имале неизвесност дали ќе можат да купат нутритивно задоволителна храна, односно дали ќе можат да ја набават на општествено прифатлив начин. Приближно 50 отсто од студентите на двегодишните програми и околу 44 отсто од оние на 4-годишни студии истакнале дека се плашат дека ќе останат без храна пред да можат да си дозволат да си купат нови намирници.

Голем проблем е и станбеното прашање. Дури 18 отсто од младите на 2-годишните програми и 14 отсто од оние на 4-годишните студии изјавиле дека се бездомници. Некои истакнале дека живеат кај роднини или пријатели или спијат по туѓи кревети, додека други рекле дека живеат надвор, во засолништа или кампови.

Сето ова е последица на сѐ поголемите трошоци за студирање. Имено, школарината во САД е двојно зголемена за разлика од 80-тите години, а резултат на тоа е рекордно високиот студентски долг. Според една онлајн-платформа која дава помош при ограничување и отплата на студентски кредити, вкупниот студентски долг во САД надминал 1,5 милијарда долари, додека просечниот долг по дипломиран студент во 2018 година изнесувал 29.800 долари.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование