Предизвиците со кои секојдневно се соочуваат младите неретко им создаваат дилеми, проблеми, па дури и стравови како да постапат во одредена ситуација, каква одлука да донесат, како да го решат проблемот со кој се соочуваат. Уште поголема е нивната потреба со некого да разговараат за тоа што ги мачи, да слушнат туѓо искуство и мислење, да побараат стручна помош. Токму тоа била идејата-водилка на тимот од Скопје наречен Андромета, да создаде чат-апликација со форум на кој младите анонимно можат да споделат искуства, да отворат дискусии и да коментираат на постовите на другите корисници и со тоа да си помогнат едни на други при решавање разни проблеми - од другарски и љубовни, па сè до насилство, ситуации од кои не се чувствуваат доволно силни или способни сами да излезат неповредени и без последици.