X
 01.09.2020 Живот

„Мама-хотелот“ е бесплатен, затоа Балканците доцна се осамостојуваат

Според податоците од Евростат, младите во речиси сите земји од регионот заминуваат од родителскиот дом по 30-тата година.

Ова се однесува на Македонија, Србија, Црна Гора и Турција, со тоа што турската младина го напушта родителскиот дом на 27,5 години. Оваа статистика со години не се менува на нашите простори, а објаснувањето за овој феномен не е едноставно.

Психологот Зоран Миливојевиќ смета дека луѓето што живеат на југот од Европа имаат различен менталитет од оние што живеат на север или во централна Европа, бидејќи чувствата, блискоста, емоционалната врска се важни за нас. Тој додава дека пред сто години животот бил тежок, а детството непријатно и тогаш луѓето сакале да пораснат што побрзо, да почнат да живеат како што сакаат, а не родителите да управуваат со нивните животи. Но, тоа сега се смени.

- Детството стана пријатно, родителите се посветени на тоа децата да се чувствуваат сакано, да им обезбедат квалитетен живот и пријатно детство. Од една страна, последицата е тоа што „децата“ не сакаат да пораснат бидејќи гледаат како нивните родители се трудат околу нив, па мислат дека растењето значи крај на забавата и квалитетниот живот. Од друга страна, родителите не им дозволуваат на „децата“ да се одделат и да станат независни поради некои свои, главно себични причини - вели Миливојевиќ.

Психијатарот Александра Бубера наведува дека финансиските причини се исклучително важни за ваквата статистика, но дека оваа појава е далеку посложена. Смета дека предоминантно патријархалниот начин на размислување и воспитување бара родителите да им помагаат на своите деца подолго време, а децата да ги слушаат и да не размислуваат со сопствена глава, туку да го следат она што им се кажува, што води до пасивност.

- И кога ќе се вработат, цените на недвижностите се толку високи во однос на заработката, што без помош од семејството не може да соберат учество за станбен кредит. Или треба да работат неколку работи за младите сами да си обезбедат стан, а за тоа време полесно е да се престојува кај родителите, и од финансиска и од логистичка страна - смета Александра Бубера.

sin
Фото: Freepik

Таа додава дека нашата не толку дамнешна историја беше удобна, со станбена безбедност, бидејќи порано нашите граѓани можеле да очекуваат работа по завршеното образование, а набрзо и стан, или барем станбен кредит.

- Сега децата растат во млади луѓе кои не се доволно способни за формирање семејство - вели Бубера.

Психологот Радмила Вулиќ-Бојовиќ вели дека на Балканот е „легитимен“ начинот на излегување од семејството преку брак и дека на некој начин недостига фазата на животниот циклус на самостојни млади возрасни луѓе што постои во западните култури.

- Претежно колективниот начин на живот „не му дава дозвола“ на поединецот да донесува самостојни, независни одлуки и избор, родителите не ги воспитуваат децата да бидат одговорни и самостојни, односите во семејството се испреплетени и крајно поврзани, речиси зависни - што има свои добри, но секако и помалку добри страни - вели Вулиќ-Бојовиќ.

Миливојевиќ смета дека не се пресудни економските причини, туку психолошките. Како што наведува, станува збор за менталитет што го делат двете генерации и истакнува дека родителите треба да им дадат еден вид психолошка дозвола на младите да се одделат и да станат независни, но многу деца не го добиваат тоа.

- Тие се оние што не разликуваат „одделување“ од „напуштање“, па се плашат дека емотивно ќе го изгубат детето. Затоа сакаат да останат во улога на родител, а возрасната личност да ја задржи улогата на дете - смета Миливојевиќ.

Според податоците на Евростат, машките деца насекаде низ Европа подолго живеат со своите родители отколку женските, а најголемата разлика е во Романија, каде што жените заминуваат од дома на 25,7 години, а мажите на 30,3, како и во Хрватска (29,9 жените и 33,6 мажите).

Миливојевиќ смета дека мажите традиционално се сметаат за столб на семејството што треба да обезбеди одредени услови за нивното идно семејство да има квалитетен живот и ним им е потребно повеќе време за да ги стекнат овие услови. Од друга страна, мажите, за разлика од жените, немаат страв дека ќе помине нивниот плоден период, немаат биолошко ограничување, бидејќи „за маж никогаш не е доцна“ да биде татко, тие се повеќе насочени кон забава, површни врски и сексуални авантури, без желба за сериозна врска.
Александра Бубeра смета дека одговорот на ова прашање лежи во удобноста и правењето разлика во воспитувањето на машките и женските деца.

На машките деца често им е дозволено повеќе отколку на женските и тие се воспитуваат на таков начин што имаат право да очекуваат да бидат „послужени“.

Вулиќ-Бојовиќ смета дека мажите генерално се помалку независни и се согласува дека се воспитувани на таков начин што некој прави нешто наместо нив и за нив, па се склони на линија на помал отпор.

Психолозите сметаат дека постои одреден психолошки механизам што влијае врз тоа поединците да останат дома иако се во работен однос. Миливојевиќ наведува дека со оглед на висината на платата, родителскиот аргумент е дека е глупаво нивниот син или ќерка да се пресели и значаен дел од платата да „фрла“ за стан наместо да штеди и да купи сопствен стан.

Бубера наведува дека на Балканот поединците се пасивни и дека неефикасниот систем доведува до доцно осамостојување и тоа може да се објасни со терминот „научена беспомошност“. Покрај научената беспомошност, додава дека важни фактори се прекумерната заштита, попустливоста (разгаленоста). Тие се присутни во случаите на полнолетните деца без партнер кои живеат со родителите и кога ќе влезат во средните години и одамна самостојно заработуваат.

- Вработените полнолетни луѓе што сакаат својата плата да ја користат за џепарлак, остануваат да живеат во домот на нивните родители, иако може да си дозволат самостоен живот. „Мама-хотелот“ е бесплатен, но има друга цена - недостиг на приватност и останување во зависна позиција - вели Вулиќ и смета дека зад ваквата рационализација се крие недоволна самодоверба, ниска толеранција на фрустрација и непријатност при напуштање на зоната на удобност, што е предуслов за секој психолошки раст и развој, но и страв од осаменост.

Податоците од крајот од април оваа година покажуваат дека Црногорците се осамостојуваат на 33,1 години, младите во Македонија и Хрватска на 31,8, Србите на 31,1 година, Бугарите на 30 години, Словаците на 30,9 години и Италијанците на 30,1 години.

Извор: B92.net
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот