Лицата со кои тие најчесто соработуваат се сиромашни или во ризик од сиромаштија - невработени лица, лица без образование, без документи, жртви на семејно насилство, лица со попреченост или родители на лица со попреченост, и за нив е речиси невозможно да одвојат средства и да платат макар едно дејствие на адвокат за да остварат или да заштитат некое свое право
Голем број лица немаат пристап до правна помош или, пак, тој пристап е значително отежнат поради сиромаштија, ниско ниво на образование, социјална исклученост или дискриминација. Неможноста да добијат правна помош преку која би ги оствариле правата што им припаѓаат согласно меѓународното и националното право ги затвора овие лица во магичен круг од кој не можат да излезат, со што нивната ранливост, маргинализираност и висок социјален ризик само се зголемуваат. Македонското здружение на млади правници (МЗМП) е независна, непрофитна професионална организација основана во 2003 година, која обезбедува правна помош и стратешки се залага за заштита на човековите права за сите оние што не можат да си дозволат правна помош.
Се залага никој поради сиромаштија да не остане без правна помош. МЗМП обезбедува правна помош за сиромашни лица, лица жртви на повреди на човекови права и дискриминација, баратели на азил, бегалци, лица без државјанство и деца.
Правда за сите лица
- Силната волја и мотивираност да ги ставиме правото и пристапот до правда во служба на сите лица нѐ инспирира да се занимаваме со случаи и лица кои не можат да си овозможат правна помош. Уште додека сме студенти, а особено кога започнуваме со работа, забележуваме дека и покрај тоа што законите и правото на хартија се еднакво достапни за сите, практиката е поинаква. Многу луѓе не побарале помош затоа што мислеле дека не им следува, затоа што мислеле дека немаат доволно финансии или затоа што едноставно не знаеле каде точно треба да отидат за да побараат помош. Сме слушале и за луѓе кои трпеле неправди и навреди, но од срам и страв премолчувале и не барале помош. Нашата цел била и останува да бидеме поддршката на овие луѓе низ процесот на остварување и заштита на нивните права. И секогаш, веќе неколку генерации млади правници кои минуваат низ здружението се воделе и се водат по еден исклучително човечки пристап – препознавање на потребата за помош и обезбедување на правната помош на начин и во облик кој е разбирлив и прифатлив за странката - истакнува Маја Атанасова, правник во Македонското здружение на млади правници.
Законот за бесплатна правна помош го знаат оние на кои им е потребна
Лицата со кои тие најчесто соработуваат се сиромашни или во ризик од сиромаштија – невработени лица, лица без образование, без документи, жртви на семејно насилство, лица со попреченост или родители на лица со попреченост, и за нив е речиси невозможно да одвојат средства и да платат макар едно дејствие на адвокат за да остварат или да заштитат некое свое право.
- Но со Законот за бесплатна правна помош, за луѓето кои ги исполнуваат критериумите согласно законот, се обезбедува адвокат кој за нив е бесплатен. Ние сме тука да им ја објасниме постапката за барање адвокат по овој закон и да им помогнеме да го пополнат барањето - посочува Маја Атанасова.
На прашањето дали луѓето се запознаени со нивната работа и фактот дека постои Закон за бесплатна правна помош, изјавуваат:
- Работиме на оваа тематика веќе десет години и сметаме дека луѓето нѐ препознаваат и имаат доверба во нас. Пријатно сме изненадени од тоа колку често се јавуваат за консултација или за правен совет. Секако, чести се случаите кога проблемите или предизвиците не се од правна природа, но на луѓето им треба поддршка или едноставно сакаат да проверат дали имаат и друга опција. Како и за сѐ друго, така и Законот за бесплатна правна помош го знаат оние на кои им е потребна помош. Понекогаш за луѓето е тешко да ги разберат критериумите или да разберат дали за нивната постапка следува адвокат, но затоа ние сме тука да им ја објасниме процедурата и да им помогнеме во целиот процес - дополнува Маја Атанасова.
Прашања кои се однесуваат на правата од здравствена заштита и здравствено осигурување
Тие најчесто работат на прашања поврзани со остварување права од социјална заштита, права на деца и имотни проблеми, но и дискриминација и родово базирано насилство.
- Во последно време, со проектот „Правна аптека“ имаме зголемен број јавувања од пациенти и семејства на пациенти кои се однесуваат на нивните права од здравствена заштита и здравствено осигурување, особено пристап до континуирана и достапна болничка терапија. Нашите цели остануваат непроменети: да вложуваме во млади правници и адвокати кои ќе ги препознаваат потребите и проблемите на ранливите категории луѓе и да го подобриме пристапот до правда за нив. Сакаме да вложуваме во свет кој е емпатичен, во професионалци кои активно се борат за вклучување во општеството на маргинализираните лица и во зајакнување на овие лица самите да ги препознаат проблемите со кои се соочуваат и да побараат нивно решавање - вели Атанасова.
Правната помош вклучува обезбедување правни информации и правни совети (позната како примарна правна помош), како и застапување во судски и управни постапки преку обезбедување т.н. секундарна правна помош со поднесување барања за секундарна правна помош до Министерството за правда.
- МЗМП ја обезбедува правната помош, пред сѐ, за да овозможи остварување и заштита на правата на лицата. Но покрај заштитата на индивидуалните права, МЗМП преку стратешко застапување има цел да предизвика и поширока општествена промена, особено кога се работи за одредени системски проблеми кои засегаат поголем број лица. Со обезбедување правна помош во стратешки случаи, МЗМП се стреми кон воспоставување позитивна практика за стекнување и заштита на човековите права или укажување на потребата од промена на одредени прописи или постапување - истакнуваат од Здружението.
Фото: приватна архива