Што ако некој непознат ве фотографира на улица и потоа искористи апликација за да ги открие вашето име, адреса и други податоци? Стартап-компанијата „Клирвју Еј-ај“ го овозможува тоа, а нејзината апликација моментално ја користат стотици агенции за спроведување на законот во САД, вклучувајќи го и ФБИ.
Апликацијата функционира споредувајќи фотографии со база на податоци од повеќе од 3 милијарди фотографии за кои „Клирвју“ вели дека ги има од „Фејсбук“, „Венмо“, „Јутјуб“ и други веб-страници. Потоа нуди совпаѓања заедно со линкови до страници каде што се појавиле тие фотографии од базата на податоци.
Не треба ни да се спомене што би се случило кога апликацијата би станала достапна за сите. Во тој случај нашата приватност би му била достапна на секој, така што секој ќе знае за нас, а тоа би можеле да го искористат криминалците и измамниците.
Сепак, компанијата вели дека нејзината технологија е наменета само за употреба од страна на полицијата. Таа не е наменета за употреба на пошироката јавност.
Спроведувачите на законот велат дека ја користат апликацијата за да ги решат злосторствата, од крадење до експлоатација на деца и убиства. Но, застапниците за приватност предупредуваат дека апликацијата би можела да ѝ даде лажни совпаѓања на полицијата. Исто така, тие предупредуваат дека технологиите за препознавање лице може да се користат за
спроведување масивен надзор.