За финалниот натпревар на Светското првенство во Полска вели дека борбата ја добил уште пред да почне, победил рутински, без многу мака зашто бил многу добро подготвен и мотивиран.
Филмскиот хит „Карате кид“ ја разбудил желбата на Марко Џорлев да се занимава со карате. На петгодишна возраст ги направил првите чекори во овој спорт, а денес, на 15 години, стана светски шампион во кадетска конкуренција до 63 килограми. Златниот медал го освои на Светското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (до 21 година), кое во октомври 2026 година се одржа во Бјелско-Бјала, Полска.
- Тренирам карате повеќе од 10 години. Татко ми првпат ме однесе на тренинг во салата на Карате-клубот „Штип“, кај тренерите Сашко и Жарко Арсовски, откако по гледањето на филмот „Карате кид“ изразив желба да се занимавам со овој спорт - раскажува Џорлев.
На патот до светската титула во финалето го победи Унгарецот Адам Баги со 4:1.
- Го победив рутински, без многу мака. Но, можам да кажам дека борбата ја добив уште пред да почне. Знаев дека сум многу добро подготвен, бев навистина мотивиран и тоа го покажав во самата борба - вели младиот каратист.
Иако во сите борби до финалето победуваше со најмалку четири поени разлика, првата му била најтешка.
- Се борев против натпреварувач од Куба, кого претходно не го имав анализирано и кој не беше меѓу фаворитите. Сепак, тој ми даде најголем отпор. На крајот победив со 10:6 - раскажува Џорлев.
Каратето како начин на живот
За него, каратето одамна не е само спорт, туку начин на живот. Покрај редовните тренинзи во клубот, посветува време и на кондициските подготовки, анализата на сопствените настапи и проучувањето на противниците.
- За мене, каратето е начин на живот. Најголемиот дел од денот ми е посветен на него. Секојдневно имам тренинзи во салата на мојот клуб, а потоа и дополнителни кондициски тренинзи. Пред големите турнири тренирам и по двапати дневно. Но, подготовките не завршуваат тука. Редовно ги анализирам своите настапи, гледам борби на сениорски каратисти и ги проучувам противниците пред големите натпреварувања - вели тој.
Еден од највозбудливите моменти на првенството било искачувањето на највисокото скалило на победничкиот пиедестал и слушањето на македонската химна.
- Тоа значеше остварување на мојот сон од детството. Кога на 10 години почнав да се натпреварувам на официјални турнири, иако можеби звучи нескромно, знаев дека еден ден ќе бидам светски шампион. Требаше само да го изодам патот до целта. Кога 2.000 натпреварувачи од 140 држави и исто толку бројна публика ја слушаат македонската химна, зарем може да има поубаво чувство - вели светскиот шампион.
Покрај напорните тренинзи, важна е и контролата на телесната тежина, особено во спорт во кој натпреварувачите се распоредени во категории. Џорлев вели дека успева да ја одржува потребната килажа со урамнотежена исхрана.
- Како и секој професионален спортист, се трудам да се хранам здраво, со претежно протеинска исхрана, урамнотежена со јаглехидрати и масти - објаснува тој.
Државата повеќе да вложува во младите спортисти
Условите за тренинг, подготовките и настапите на големите натпреварувања ги обезбедува со поддршка од Карате-клубот „Штип“ и од родителите. Но, кога станува збор за финансиската поддршка за младите спортисти, неговиот одговор е категоричен – таа не е доволна.
-Потребна ни е комплетна опрема одобрена од Светската карате федерација (WKF), и тоа во два комплета, бидејќи може да се оштети за време на натпреварите. Тоа чини многу. Дополнително, треба да се платат котизациите за светските младински лиги, кои се одржуваат на различни континенти, патните трошоци и сместувањето. Самото учество на првенството во Полска, со сите овие трошоци, чинеше најмалку 100.000 денари - вели Џорлев.
Трошоците најчесто ги покриваат неговите родители, понекогаш со помош од блиски луѓе и спонзори.
- Бескрајно сум им благодарен за тоа. Без нивната помош не би можел да го одржувам меѓународниот натпреварувачки ритам - додава тој.
Според него, во Македонија има многу талентирани млади спортисти кои не можат да настапуваат на меѓународни натпреварувања токму поради високите трошоци. Затоа, апелира до институциите посериозно да се зафатат со прашањето за финансирањето на младите и успешни спортисти.
- Позитивни сигнали има. Општина Штип од лани почна да доделува стипендии за најуспешните спортисти. Искрено верувам дека доколку финансиската поддршка биде на многу повисоко ниво, интонирањето на македонската химна на светските и меѓународните првенства нема да биде исклучок, туку редовна практика - вели Џорлев.
Не постојат неостварливи соништа
На своите врсници што сонуваат за големи спортски успеси им порачува да не се откажуваат од целите, без оглед на пречките.
- Не постојат неостварливи соништа! Ако желбата е вистинска, љубовта безгранична, а вербата во себе цврсто втемелена, тогаш нема да има претежок тренинг, нема да размислувате за откажување и нема да постои друга опција освен остварувањето на сонот.
Во еден филм што неодамна го гледав имаше цитат од Марко Аврелиј: „Ако некој друг направил нешто, значи и ти можеш да го направиш тоа.“ На секое големо натпреварување постои златен медал. Некој ќе го освои. Зошто тоа да не бидам јас? - порачува македонскиот светски шампион.
Фото: приватна архива