X
 28.01.2019 Спорт

Новите светски правила во каратето инспирирани од македонската легенда Назим Куртовиќ

Новите светски правила во каратето се инспирирани од научниот труд на македонската карате-легенда и доктор на науки Назим Куртовиќ. Од 1 јануари годинава се применуваат новите правила во дисциплината кати (состави), кои ќе важат на сите наредни официјални натпревари, вклучително и на Олимписките игри во Токио во 2020 година.

Со воведување на новите правила, вкупната оцена на натпреварувачот е резултат на збирот од техничката изведба (Technical performance) и интерпретацијата (Athletic performance) на катата. Досегашните правила оставаа можност за субјективно оценување на изведбата од страна на судиите, кои оценуваа со кревање сино или црвено знаменце за кандидатот со сина или со црвена боја на појас. Со новите правила натпреварувачите ќе се оценуваат објективно, но ќе се оценува и знаењето на судиите и ќе се наметнат повисоки стандарди во тренажниот процес, според кои и тренерите и судиите ќе мора посуштински да го познаваат каратето, односно да ги познаваат катите.

Формулата на Куртовиќ, која тој ја презентирал во научниот труд „Квантификација и евалуација на ката-перформансите во спортското карате“, целосно е посветена на методиката на тренажниот процес во катите, од каде што се поставува основата за длабинско оценување на квалитетот на нивната изведба и може да се користи за официјална судиска евалуација. Овој труд е презентиран на научен конгрес во Софија, декември 2017 година.

Формулата е основа за новиот начин на оценување на Светската карате-федерација (ВКФ) со единствена разлика во коефициентите. Новите правила на ВКФ предвидуваат сооднос 70 отсто техничка изведба и 30 отсто интерпретација. Според Куртовиќ, изведбата на катата е збир од средната оцена на квалитетот на изведбата на техничките елементи (која се множи со коефициент 60%) и средната оцена на квалитетот на атлетската изведба - интерпретацијата и невербалната комуникација, односно начинот на пренесување на идејата на катата преку говорот на лицето, телото и присуството на емоции (со коефициент 40%).

Куртовиќ е мајстор на карате, носител на 7. степен (ДАН) и член на Директориумот и на Техничкиот комитет на Светската шотокан карате до федерација. Тој е овластен меѓународен инструктор и испитувач од страна на Светската шотокан карате до федерација, чие седиште се наоѓа во Токио, Јапонија и одржува карате семинари низ светот.

Тој е еден од архитектите на стручните реформи на Карате-федерацијата на Македонија (КФМ), како една од најорганизираните и најуспешните федерации во земјава, како претседател на Стручниот совет на КФМ (9 години), член на Управниот одбор, член на Директориумот, но и претседател на Комисијата за наука и спорт при Македонскиот олимписки комитет.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт