X
 02.06.2025 Наша тема

Христаки Давитковски на 70 години оди на карате-натпревари, се трка со автомобил, трча полумаратони и изработува филигран

Секој човек треба да си најде пасија која ќе му ја дава потребната енергија за секојдневниот живот. Некој нема време ниту за една, а скопјанецот Христаки Давитковски на 70-годишна возраст има дури четири пасии.

Христаки годинава слави јубилеј - 55 години откако е активен во каратето и се натпреварува на највисоко ниво во категоријата ветерани, а идната година ќе слави 50 години јубилеј откако професионално се трка со автомобил.

- Почнав во далечната 1970 година. 55 години сум активен во каратето, а почнав да спортувам од пет години. Прво почнав со гимнастика, пробав и фудбал, но сфатив дека колку и да си добар, треба да имаш врски за да влезеш во тимот. Вежбав џудо, па почнав карате и останав таму - почна да ја раскажува својата приказна Давитковски.



Христаки освојувал први, втори и трети места во бивша Југославија. Потоа прекинал да се натпреварува како сениор, но пред 16 години се воведе категоријата ветерани и оттогаш решил повторно да им се врати на натпреварите.

- Пред 16 години се воведе категоријата ветерани и тогаш решив да продолжам со натпревари бидејќи кога вежбаш за натпревар, повеќе си ангажиран. Сум бил првак на Европа, првак на Балканот пред две години. Пред две години направив еден мал јубилеј 50 години во ринг. Решив да прекинам, но ми се јавија да ме прашаат дали ќе настапувам годинава во октомври на Европско првенство во Италија. Искрено се двоумам, но ако најдам време, би настапил пак. Имам 70 години, но сакам сѐ уште да бидам активен во рингот - открива Христаки.



Тој потенцира дека иако приодот е ист, борбата во каратето е потежок елемент од катите.

- Приодот е ист, потребни се врвен напор и тренинг за да се спремиш. Но, катата е дефинирана форма и кога се натпреваруваш, точно знаеш што работиш. Но, во борба е потешко, треба малку повеќе знаење, противникот е жива материја и треба да го прочиташ за да го победиш, тоа е потежок елемент - смета 70-годишниот Давитковски.

Ветеранот каратист смета дека каратето е еден од најдобрите индивидуални спортови за развој на човекот, особено за децата.

- Искрено, не само со карате, иако сепак е посебен спорт, кога вежбаш и тренираш, ги развиваш своите психофизички способности. Организмот станува појак, поиздржлив, тоа се рефлектира и на менталниот дел, едноставно чувствуваш неисцрпна физичка и ментална сила и енергија, полесно функционираш во секојдневниот живот, на адекватен начин размислуваш, смирен си, имаш голема придобивка. Каратето е особено значајно за дечињата кои се развиваат и правилно се воспитуваат - вели Давитковски.



Паралелно со каратето, тој се трка. Христаки првпат седнал во автомобил на седумгодишна возраст.

- Седнав на 7 години. Прв круг од еден километар направив. На 12 години веќе возев по патишта низ Македонија, татко ми беше смел да ме научи да возам и кога излегувавме надвор од Скопје, седнував и возев по автопат - откри автомобилистот.

Христаки сам си ги подготвува автомобилите за трки затоа што сепак се работи за скап спорт. За да заштеди, решил да научи механичарски занает кај неговиот вујко додека одел во средно училиште.



- Претежно сам ги подготвував. За тоа што не знам, викам помош, ќе прашам за иновации. 90 отсто е моја работа. Бидејќи сепак, да подготвиш автомобил за трки е голема инвестиција. Не сум толку богат за да платам сѐ, но се справувам. Во прва година гимназија имав вујко и ја натерав мајка ми да го праша дали може кај него да учам за автомеханичар. На 16 години прв ремонт на „фиќо“ направив. Вложуваш љубов и учиш сѐ што треба - раскажа Христаки.

Иако се натпреварува во ризичен спорт, вели дека секој од спортистите во автомобилизмот дошол до истото сознание: дека улицата не е место за дивеење, а на спортистот му треба арена.

- Ден-денес гледате по улиците гинат луѓе, има несовесни возачи. Секој што сака да си ги проба тие негови вештини, нека дојде на тркачка патека и нека проба, а не по улиците да дивеат. Секој спортист го има тоа осознаено - улицата не е место за дивеење, на секој спортист му треба негова арена - додава нашиот соговорник.



Христаки неколку години наназад изработува накит. Занаетот го научил на курс во занаетчиската комора и веќе сака да им го пренесе на неговите внуци.

- Со моите деца не сум работел заедно бидејќи занаетот го научив на стари години, но внуците ги подучувам кога се расположени, иако сѐ уште се мали, се надевам дека ќе им ја пренесам вештината. Работам сребро, филигран, кристали...



Сега најнова активност ми е едриличарството. Бев на курс во Хрватска во март и април, полагав за скипер. Се надевам дека ќе имам една нова возбудлива авантура во животот, планот ми е да имам едрилица и да излезам малку надвор од Македонија - открива Давитковски.
Христаки сѐ уште е активен во автомобилизмот во категоријата сениори. Има желба да извози една сезона на европски шампионат ако финансиски успее да се подготви затоа што минимумот за една сезона е 30.000 евра.

Догодина му доаѓа јубилеј - 50 години откако вози трки, а сѐ уште се чувствува физички и психички способен за врвни резултати.
Ако мора да одбира помеѓу каратето, автомобилизмот и накитот, не би избрал ниту едно затоа што не би се откажал од ништо.



- Каратето е број 1 затоа што таму сѐ зависи од мене, во автомобилизмот успехот зависи од возилото, а филигранот е друга гранка која ми дава ментален мир. За да изработиш накит, треба да си мирен и стабилен. Сите три гранки со кои се занимавам се интересни, во одреден момент нешто повеќе ме привлекува, но не би се откажал од ниту една - истакна Христаки Давитковски, кој во последните 15 години трча и на полумаратонски трки.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема