X
 23.11.2017 Култура

Важни лекции за парите што треба да им ги пренесете на вашите деца

Треба што порано да ги научите вашите деца за тоа каква е улогата на парите во животот, како се заработуваат и како се управува со нив. „Гардијан“ посочува неколку совети како да го поминете тој процес што побезболно и поефикасно.

Покажете им пари

Никогаш не е прерано вашите деца да научат нешто околу парите. Денес кога сè почесто сметките и набавките се плаќаат преку интернет или со електронски картички, парите можат да им изгледаат речиси „невидливи“. И не само тоа. Кога децата бараат да им се купи нешто, често измислуваме многу причини, пресокнувајќи ја најважната – дека трошиме вредни пари на непотребни работи. Објаснете им го на децата целиот процес – одите на работа за да заработите пари, а потоа истите пари треба да ги трошите за она што ви е потребно, меѓу другото и за облека и играчки.

Кога имате доволно време, играјте си продавница со децата, каде што стоките и предметите ќе ги плаќате со вистински книжни пари.

Направете го штедењето забавно

Давањето џепарлак на децата може да им помогне подобро да ја сфатат вредноста на парите. Исто така, добро е да ги охрабрите да штедат за да си купат нешто што подолго време го посакуваат. Добар начин за поттикнување на штедењето кај децата од сите возрасти е да ги наградувате.

Запознајте ги со трошоците

Добра идеја е кога пазарувате да ги носите со себе и децата. Секое дете на возраст од 6 до 10 години има капацитет самото да купи сок или некакви грицки за себе. На тој начин ќе научи колку точно пари му требаат за таа набавка, па и колку кусур треба да добие назад од продавачот. Инаку, факт е дека денешните тинејџери прецизно ги знаат цените на најновите патики или мобилни телефони, но немаат поим колку изнесува месечната сметка за струја или млеко.

Научете ги за буџетот

Почнете да им давате џепарлак секогаш на истиот ден. Подоцна научете ги да си прават белешки за своите трошоци. На тој начин ќе знаат колку пари потрошиле и на какви работи. Некогаш ќе потрошат повеќе од планираното. Научете ги да прават приоритети.

Работа за тинејџери

На возраст кога веќе ќе бидат способни нешто сами да заработат преку летниот распуст, поддржете ги во намерата. На тој начин ќе научат повеќе да ги ценат парите што самите макотрпно ги заработиле. Само така навистина ќе водат сметка и добро ќе размислат како и на што ќе ги потрошат парите.

Семејни финансии

Кога детето ќе побара да му купите нешто, а вие не можете да си го дозволите тоа, избегнувајте да дадете краток и едноставен одговор „не“. Поразговарајте со него, објаснете му зошто не можете да му ја исполните желбата и кои се приоритетите во тој момент и уште колку сметки треба дополнително да намирите. На тој начин детето учи дека купувањето не е само индивидуална желба, туку многу посложена работа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура