X
 19.11.2020 Наша тема

Невозможна мисија е тестирање за Ковид-19 во многу градови во внатрешноста: Пари, превоз, време...

Дополнителен проблем во оваа ситуација е што се случува да нема слободни термини за тестирање на државна сметка, па жителите мора да патуваат и до Скопје за да направат тест во приватните лаборатории, што за многумина претставува екстремно висок трошок

Граѓаните од внатрешноста на државата се оставени сами на себе и понекогаш мора да патуваат и по стотина километри до друга општина или град за да направат тест за Ковид-19 зашто сè уште во голем дел од помалите градови нема пунктови за земање на брисеви.
Дополнителен проблем во оваа ситуација е што се случува да нема слободни термини за тестирање на државна сметка, па жителите на Кратово, Крива Паланка, Берово, Делчево, Радовиш, Пехчево, Македонска Каменица мора да патуваат и до Скопје за да направат тест во приватните лаборатории, што за многумина претставува екстремно висок трошок, кој најчесто не можат да си го дозволат.

Поради симптоми, во услови на скратени можности, многумина се принудени сами, по телефонска процена на матичните лекари или преглед без потврда за вирусот да се лекуваат како болни од коронавирус, сè додека не најдат начин како да потврдат дали се позитивни на него.
Функционира ли воопшто системот по кој се закажуваат тестирањата за жителите во внатрешноста на земјата и зошто сè уште има општини во кои нема пунктови за земање брисеви? Овие прашања остануваат без конкретен одговор, што дополнително ја комплицира и така сложената ситуација со коронавирусот.



За брис на државно се чека и по две недели

Жител на Кратово вели дека за да се тестираат на државно, мора да се јават на матичен лекар, кој го нуди следниот слободен термин, а тоа често е во некој град до кој нема ни автобуска линија. Дополнително прашува дали и да има автобус дотаму, треба да се возат лица со симптоми на вирусот.

- Слушам дека некои луѓе ги праќале на тестирање во Струмица или во Кочани. Не се виновни лекарите, но не знам дали некој би се нафатил и со такси да превезе лице за кое има сомнежи дека е заразено. Самиот пат ќе чини повеќе отколку да одиме да се тестираме во Скопје во приватна лабораторија. Излегува дека ако немате сопствено возило, не можете да се тестирате. Не нè ни испраќаат во градови до кои има автобуска линија зашто е ризик. А што правиме со постарите лица или оние што немаат сопствено возило? Мора да се најде решение и за нас што живееме во помалите градови. Нека се одреди една просторија, има празни колку сакате во болницата во Кратово. Треба надлежните да си направат организација и ако не друго, екипа да доаѓа да тестира барем еднаш неделно - посочува кратовецот.

Како ќе се оправдам на работа?

Девојка од Прилеп повеќе од една недела има симптоми на Ковид-19. Неколку дена имала температура, ги изгубила чувствата за мирис и за вкус, а истовремено била истоштена.

- Матичната докторка ми рече дека прв термин за тестирање е за две и пол недели. Во меѓувреме ми даде терапија со антибиотик и ми препорача да го јакнам имунитетот со витамини. Немам опција да се тестирам приватно во Прилеп зашто мислам дека тука нема приватна лабораторија што прави вакви испитувања. Сите одат да се тестираат на приватен трошок во Битола. Мојата финансиска состојба не ми го дозволува тоа зашто покрај цената за тестирање, треба да го платам и превозот дотаму и назад - посочува прилепчанката.

Според неа, ова е дополнителен проблем зашто таа нема доказ дека е позитивна на Ковид-19 и нема како да ги оправда деновите кај работодавецот, па е принудена во некој од следните денови да се врати на работа.


Фото: Фрипик

За приватен тест патуваат и по 200 километри

Здравствени работници од помалите градови велат дека во овој период голем проблем е што немаат пунктови за тестирање, па мора да ги препраќаат пациентите во пунктовите за тестирање во најблиските градови.
На пример, доктор од Берово вели дека тамошните жители со симптоми ако сакаат да се тестираат на државен трошок, мора да чекаат термин во центрите за јавно здравје во Кочани или во Штип. Посочува дека најчесто беровци се тестираат во Кочани, но за тест на приватно патуваат и до Скопје.

- Такви се можности и така е воспоставен системот. Немаме други опции што би им ги понудиле на пациентите - вели докторот.

Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари, вели дека има многу случаи кога пациенти од помалите градови одат да се тестираат на приватен трошок во Скопје.

- Во оваа ситуација се создава паника кај граѓаните и последните пари ги даваат за тестирање. Решението е матичните доктори да имаат брзи тестови, со што би се намалиле ваквите ситуации и би се покажала грижа кон населението - посочува д-р Чолакова-Дервишова.

Само 15 пункта за тестирање

Според официјалните податоци на Министерството за здравство, во внатрешноста на земјата има 15 пункта за земање брис за Ковид-19. Од Министерството за здравство велат дека континуирано го зголемуваат бројот на тестирања, а матичните лекари се трудат на пациентот да му обезбедат најбрз термин за тестирање, најблиску до местото на живеење.

- Пунктови за земање брисеви во внатрешноста на земјата има во Охрид, Тетово, Ресен, Прилеп, Битола, Велес, Гевгелија, Струмица, Кочани, Куманово, Кавадарци, Кичево, Штип, Струга, Свети Николе - посочуваат од ресорното министерство.
Оттаму додаваат дека Центарот за јавно здравје во Битола врши анализа на примероци за пунктовите во Битола, Ресен и Кичево.

- Останатите ги носат во Институтот за јавно здравје и во МАНУ за анализа на примероците. Капацитетот за тестирање со ПЦР-тестови е над 2.000 тестови дневно. И 13.000 брзи тестови им се ставени на располагање на болниците и на клиниките - додаваат од Министерството.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема