X
 23.11.2018 Живот

Германците ги избраа најдобрите чоколади - најскапите се најдоа на дното на листата

Каков вкус има совршената чоколада? Германска фондација на потрошувачи стави 25 бренда на млечни чоколади - меѓу кои и „милка“, „линдт“ и „мерси“ - на ригорозно тестирање и вкусување. Најскапите чоколади завршиле последни.

Повеќето чоколади што можете да ги купите во Германија се добри, а поголема сума пари не секогаш значи подобар квалитет, открила германската фондација „Варентест“ по испитувањето на 25 вида млечни чоколади.

На тест биле ставени меѓународно признатите брендови како „милка“, „линдт“ и „мерси“, но и не толку познатите чоколади што може да се купат на попуст во супрмаркетите и брендови од фер трговијата.

Групата ги рангирала чоколадите врз основа на вкусот, какви се на допир, врз основа на аромата и физичката сензација во устата, но се зеле предвид и присуството на штетни состојки и бактерии, пакувањето и точноста на наведените состојки.

Најдобрата чоколада треба да има кремаст вкус со забележлива нота на какао и мирис на карамела, стои на страницата на фондацијата. Тестирачите исто така ценат чоколади со мазна површина и без воздушни меурчиња.

Фото: Pixabay

Кои се победниците?

Неочекувано, фер тргуваниот производ „гуте шоколаде“ бил именуван како еден од победниците заедно со шведските „марабоу мјeлк чоклад“, „мерси едел-рам“ и „милка алпенмилх“. „Мосер Рот“, набавена од синџирот маркети „Алди“, исто така била во близина на врвот.

Најскапата чоколада на тестирањето, млечната чоколада на „Годива“, завршила на дното. Сто грама од оваа чоколада во Германија чинат 6,95 евра, но фондацијата открила дека содржи повеќе никел од сите поевтини ривали. Сепак, нивото на никел е доволно ниско за да не биде штетно за луѓето, истакнуваат од фондацијата.

За поголемо уживање додека јадете чоколада, од фондацијата препорачуваат да ѝ дозволите на чоколадата „да дише“ по отворањето, слично како што се прави со виното. Истовремено, треба да ја држите чоколадата подалеку од производи со јака арома, како кафе и чај, за да не се промени мирисот на чоколадата.

Друг совет е чоколадата да се чува на температура меѓу 12 и 18 Целзиусови степени и да се избегнуваат температурни шокови. Брзо покачување на температурата може да предизвика кондензација и појавување шеќер на површината.

Секако, овие совети се за оние што не ја јадат чоколадата веднаш по отворањето.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот