X
 28.02.2018 Образование

Најдобрите образовни системи на светот и зошто ни се недостижни


Ученици во нетипична училница
(Фото: Pixabay)


Потврдата за успешноста на националните образовни системи ја испорачуваат резултатите од тестирањата на ПИСА, која е иницијатива на Организацијата за меѓународна соработка и развој, покрената во 2000 година, и претставува испитување на квалитетот на образовните системи, а се спроведува на секои три години во повеќе од 70 земји во светот.

Целна група на тестирањата се петнаесетгодишните ученици, кои полагаат математика, читање (и разбирање на текст) и наука, а од 2015 година и во областа на тимско решавање проблеми.

Најдобри резултати упорно постигнуваат учениците од источноазиските земји како Јапонија, Јужна Кореја, Хонгконг, Сингапур. Во западниот свет најуспешна е Финска. Некои земји што најмногу вложуваат во образованието, како САД и Норвешка, не постигнуваат некои особени резултати, земајќи ги предвид влоговите.

Источноазискиот модел на образование

Во Јапонија и во Јужна Кореја структурата на формалното образование е слична на американскиот систем, но методите значително се разликуваат.

Задолжителното образование трае девет години и почнува од шестгодишна возраст. Околу 99% го завршуваат ова ниво. Потоа можат да го продолжат образованието во тригодишна школа која може да се поистовети со нашето средно образование.

Средното образование е незадолжително и се плаќа, но сепак се запишуваат 95% од децата. Може да биде од академска или занаетчиска природа. Првиот вид ги подготвува учениците за студирање, а вториот – за вработување по завршувањето.

Приватните средни училишта се застапени колку и државните, иако се двојно поскапи. Сонот на секој ученик е да се запише на факултет, што не е воопшто лесно зашто конкуренцијата е огромна.

Интересното во овој дел од светот е силниот акцент на колективноста, традицијата и почитта кон општоприфатеното; не се охрабрува индивидуалноста, нити оригиналноста.

Кон учителите и наставниците се негува страхопочит, а партиципацијата во наставата не се охрабрува. Најнесекојдневна појава е ученик да крене рака и да постави прашање.

Во Јапонија школската година почнува во април, кога се буди природата, што симболизира нов почеток.

Образованието во Финска

Финска направи реформа во образовниот систем пред 40 години и оттогаш постигнува извонредни резултати.

Успешноста на системот Финците ѝ ја припишуваат на еднаквоста. Се разбира, таа се разликува од онаа во Источна Азија и подразбира израз на секоја индивидуа, која заслужува еднакви шанси, почит и помош, и сфаќање дека потенцијалот на секој ученик може да се максимира со адекватен третман.

На училиште се тргнува на седум години и образованието на сите нивоа е бесплатно. До крајот на четвртото одделение нема тестирања, нити рангирања. Во тој период децата имаат можност да развијат самодоверба, кооперативен дух и позитивен однос кон учењето. На крајот од секоја година добиваат детален извештај од учителот за нивните силни страни и за оние области во кои треба да вложат повеќе труд.

Отворањето приватни школи е илегално!

Наставник/учител е професија којашто ужива почит како и лекарот или адвокатот, и е еднакво добро платена. Само најдобрите студенти можат да станат учители, а за да дојдат до можност да ја извршуваат оваа дејност, мора да имаат магистерска диплома. Учителите се луѓе кои искрено го сакаат она што го работат, многу се посветени и компетентни. Имаат огромен слободен простор за иницијатива и креативност.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование