X
 23.12.2019 Живот

Норвешка кампања против дрогата предизвика војна на социјалните мрежи

Целта на новата кампања во Норвешка е без морализирање да се дадат точни информации за дрогите. Во оваа земја се појавија постери кои даваат увид во ризиците, ефектите и давањето насоки за помош на зависниците.

Зад кампањата не стои норвешката влада, туку приватната фондација „Rusopplysningen“. Со почетен став дека проблемите со дрогата не можат да се решат со застрашување бидејќи таквиот пристап создава недоверба, па со тоа се зголемуваат и ризиците и лошото влијание врз менталното здравје на зависниците, постерите промовираат стремеж да се мисли на добросостојбата на консументите и заедниците во кои живеат.

- Софи не почина кога проба ЛСД. Таа ја тестираше супстанцијата и знаеше што содржи - е само една од пораките на постерите.

Во работата на фондацијата што стои зад кампањата се вклучени луѓе кои веруваат дека осудувањето, посрамувањето и пристапот кој се заснова на казна создаваат повеќе штета отколку корист. Имено, зависниците знаат колкава е штетата од дрогата, но тоа не ги спречува да ја земаат, па токму различниот пристап е тема број еден деновиве во Норвешка.


 
На социјалните мрежи веќе на големо се дискутира дали оваа кампања е преблага, па еден од коментарите на „Твитер“ беше: - Тоа не е превенција на дрога, туку превенција на смрт. Гласам за превенција на смртта, но немојте да ги мешате поимите.

Од друга страна се оние што тврдат дека знаењето само може да ги спаси животите и дека тоа може да се примени и на други проблеми, како што е сексуалната едукација во помалку развиените земји.

- Кога ќе знаат повеќе за одреден проблем, луѓето ќе се однесуваат поодговорно кога ќе одлучуваат - напиша една девојка на социјалните мрежи.

Главниот слоган на оваа кампања е „Знаењето може да спаси животи“.
Кое е вашето мислење?

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот