По двајца наставници од секое училиште ќе го проследат семинарот за онлајн-настава на експерти од „Семос“
По двајца наставници од секое средно училиште утре (25 март) ќе учествуваат на „вебинар“ – онлајн-семинар кој ќе им го држат експерти од „Семос“ за онлајн-настава. Понатаму двајцата наставници ќе треба по истиот пат да им ги пренесат искуствата на колегите за да можат успешно да ја завршат учебната година. Обуките ги организира Министерството за образование и наука, по уредбата што вчера ја донесе Владата - наставата во сите образовни институции, така и во средните училишта, да се одвива преку далечинско учење. Наставниците ќе ја одржуваат наставата, ќе ги испрашуваат и ќе ги оценуваат учениците.
Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола
Директори на неколку средни училишта во земјава ни објаснуваат како се снаоѓаа досега во вонредните околности поради ширењето на Ковид-19, како ќе ја продолжат наставата и ќе ја завршат учебната година. Генерално, најголем дел од наставниот кадар и од учениците имаат можности - компујтери, паметни телефони, интернет и основни технички познавања. Сепак, има ученици, претежно од руралните средини, кои немаат можност да ја следат наставата по електронски пат.
Нема да биде тешко да се заврши годината
Фаника Наумовска е директорка на битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“, училиште кое години наназад котира високо според постигнувањата на учениците. Таа вели дека наставниците и во изминатите две недели се обидувале на некој начин да им ги достават содржините на учениците.
- Вчера ни стигна допис од МОН да номинираме по двајца наставници кои имаат добри технички вештини да ја проследат онлајн-обуката, а потоа да им ја пренесат на колегите. Сепак, наставниците и досега им ги доставуваа содржините на учениците. Иако е далеку од класична настава, ова е еден начин да се заврши учебната година - вели Наумовска.
Фаника Наумовска
Според неа, добро е што 2/3 од учебната година се речиси завршени на класичен начин. Наставниците веќе ги знаат учениците, имаат формирано основен впечаток за секој од нив и досегашната оценка ќе им помогне во формирањето на конечната оценка. Така што би било очигледно ако ученик со досегашни слаби постигнувања наеднаш добие петки по секој тест решен онлајн.
Во ова училиште сите имаат технички можности за ваква настава – и наставниците и учениците.
- Сепак, има училишта во Битола каде што учат ученици од руралните средини или од дивата населба Баир – објаснува Наумовска.
Учениците од руралните места нема да можат да ја следат наставата
Како и сите други средни училишта во земјава, допис за утрешната обука доби и гимназијата „Митко Пенџуклиски“ во Кратово. Директорот на училиштето, Ѓеорги Цветков, вели дека интерно одржуваат настава на платформите на интернет која сами си ја организирале досега.
Ѓеорги Цветков
- Добивме допис од МОН за „вебинарот“ што ќе се одржи преку „Семос“. Потоа двајцата наставници ќе ги обучат преостанатите колеги. Јас барав уште една дополнителна мерка – надзор врз наставниците. Тоа е многу важно за да се избегнат ситуации дека некој не може да ја одржува наставата. Тоа и лесно може да се направи – со редовно пополнување на е-дневникот – вели Цветков.
Тој е наставник по математика. Вели дека е добро што голем дел од учебната година е изведена на класичен начин. Постојат тематски единици кои ако се пропуштат, не може да продолжи понатаму. На пример, коренување. Но, тоа може да се дополни и во наредната учебна година со добра организација на наставникот.
Училиштето „Митко Пенџуклиски“ во Кратово / Фото: Општина Кратово
- Нема проблем со учениците во преодните години. Единствено матурантите нема да можат да ја пополнат дупката. Сепак, добро е што 70 проценти од материјалот се веќе предадени – вели тој.
Во Кратово има ученици што доаѓаат од руралните средини и немаат можност учебната година да ја завршат на овој начин.
- Да не генерализирам, но тоа се најчесто ученици кои се во средно училиште исклучиво поради законската обврска и во класичната настава не покажуваат високи постигнувања. Сепак, тие ќе можат да се оценат од досегашната настава – објаснува Цветков.
Најголем дел од материјалот е веќе предаден
Директорката на скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, Силвана Кржовска, вели дека вонредната состојба поради коронавирусот ги затекнала. Обидувајќи се да се консолидираат, се обиделе да избегнат комуникација преку мрежите „Вајбер“ и „Фејсбук“ и ја користеле платформата „Офис 365“.
Силвана Кржовска
- Социјалните мрежи не се начин на комуникација. Во наставата ги користиме и платформите „Едмодо“ и „Зум“, но не е исто да вклучите 50 или 1.500 луѓе. Ги чекаме и ги следиме упатствата од МОН. За доброто на сите, би сакала веќе во мај сите да се вратиме во училиштата. Но, нема да биде тешко и на овој начин да се заврши учебната година. Најголем дел од материјалот е веќе предаден и нема да им биде тешко на наставниците да изведат конечна оценка за секој ученик - вели Кржовска.