Малолетници без „вистинска“ возачка дозвола што возат автомобили не се невообичаени на шведските патишта. Ова е овозможено благодарение на регулатива стара 100 години која им дозволува на младите на возраст над 15 години да возат со важечка дозвола за мопед или трактор, под услов брзината на возилото да биде ограничена на 30 километри на час.
Бидејќи правилото првично било наменето за земјоделски возила, автомобилите со ограничена брзина се познати во Шведска како „А-трактори“. Имено, тие станале толку популарни во последно време, што локалните власти се загрижени поради зголемениот број сообраќајни несреќи.
Во меѓувреме, тинејџерите не се толку загрижени, а се чини ниту нивните родители бидејќи често учениците добиваат автомобили како подарок за добар успех на училиште. Освен тоа, иако има ограничување на брзината, тинејџерите ги користат автомобилите за излегување со пријателите.
Покрај ограничувањето на брзината, „А-тракторите“ мора да имаат и триаголен знак за предупредување поставен на багажникот, што укажува дека возилото е бавно. Интересно е и тоа што мора да се отстрани и задното седиште, за во возилото да можат да бидат само возачот и еден патник.
Бројот на регистрирани „А-трактори“ се удвоил на 50.000 за две и пол години, а несреќите се зголемени за пет пати во последните пет години. Бројот на повредени во сообраќајни несреќи е над 200 годишно, додека во 2022 година се забележани четири смртни случаи. И покрај тоа, „А-трактори“ може да се купат дури и за 2.700 евра.
Извор:
Srednja
Насловна фотографија: Pixabay