X
 11.03.2019 Живот

Лагом - шведскиот стил на живот што нѐ потсетува дека ситниците се најважни

Реченицата: „Нешто што не е ни премногу ни премалку, туку баш колку што треба“ го опишува овој начин на живеење што доаѓа од далечниот север. Веројатно, поради големата популарност на „хиге“, веднаш ќе помислите на Данска, но овој пат се работи за Шведска.

Додека „хиге“ нè учи како да уживаме во секој момент од животот, во топли чорапи, звукот на пукање на огнот, топлите теписи, добрите книги, топлото чоколадо и заедништвото во кое „ние“ го ставате пред „јас“, Швеѓаните одат чекор понатаму и во својот концепт на живеење ставаат акцент на умереноста и одржливоста што ги применуваат во сите сфери на своето живеење, од односот кон работата (работиме за да живееме, а не живееме за да работиме), преку семејниот живот и добрососедските односи, пристапот кон храната, па до дизајнот на ентериерот.

Сакате да ја подобрите рамнотежата меѓу работниот и приватниот живот? Сакате да станете посвесен потрошувач и да не ѝ нанесувате штета на околината? Сакате да ги негувате врските со саканите луѓе и да уживате во добрата храна и во природата? Сакате да живеете среќен и балансиран живот?

Ако на сите овие прашања одговоривте потврдно, тогаш решението за вас е лагом. Тоа е нешто што Швеѓаните го учат од мали нозе.

Зборот лагом доаѓа од некогашната форма на зборот лаг, што бил термин за здраворазумен вид „закон“, а законот на лагом гласи „баш толку колку што треба“ или „баш како што треба“, како на пример совршена количина на млеко во кафето или совршен притисок во текот на масажата. Во материјалните сфери тоа е чин на балансирање што достигнал совршенство.

Ако се водите по тоа начело, при посета на пријателите во текот на викендот треба сами да земете постелнина бидејќи е праведно да го споделите товарот на перење или да го искористите правото за останување дома со болно дете и да ја примите цела плата, но само под услов тоа да не го злоупотребите или, пак, да уживате во хамбургер без помфрит бидејќи умереноста е доблест.

Сакате да живеете лагом? Постојат седум поглавја според кои ќе научите како ќе го балансирате приватниот и работниот живот (зошто е важно да пронајдете време за себе и зошто навистина служи петокот навечер), како да јадете на лагом начин (посебно ќе ви се допадне „фике“, односно пауза за кафе што е често проследено со домашни колачи).

Но внимавајте, бидејќи целиот концепт е базиран на умереност, смеете да изедете само едно колаче од сите видови, не две. Исто така, треба да внимавате како се облекувате или како го уредувате домот на лагом начин, односно како тоа да го направите да се чувствувате удобно, но со стил.

Четвртото поглавје е посветено на здравјето и благосостојбата, животот на отворено и како превозот да го претворите од средство за реализирање на целта во искуство.

Освен тоа, ќе научите дека дружењето дома е нов вид на излегување бидејќи е удобно, евтино или едноставно лагом. Рециклирањето е едно од обележјата на шведската култура, нешто во што ние ги правиме првите чекори, но низ лагом ќе сфатите дека можете да предизвикате промени во светот бидејќи првиот чекор кон каква било промена се крие во промената на ставот.

Добриот живот не се оценува со материјални добивки  (да, парите нè прават среќни, но само до одредена мера. Ако сме сиромашни, ќе нè направи среќни ако ги наполниме џебовите, но ако сме богати, повеќе пари нема да нè направат среќни), туку посветеноста на сегашноста.

Со доаѓањето на пролетта ослободете се од излишните работи во вашиот живот, и фокусирајте се на она што е навистина потребно. Пронајдете баланс и стекнете мир и задоволство.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот