Алиша Фем има 12 години и е млад гениј. Таа е најмладата студентка на Технолошкиот универзитет во Окленд, со кој срушила рекорд поставен од нејзината сестра пред две години.
Вики Нго Нгок, сестра на Алиша, станала најмладата студентка на универзитетот - се запишала на студии на 13 години. Таа дипломирала во 2020 година. Сега Алиша е најмладата студентка на универзитетот бидејќи почнала да студира на 12-годишна возраст.
- Нашите академици известуваат дека Алиша е многу организирана и ги импресионира сите со својата зрелост и интелигенција - изјавиле од универзитетот.
Алиша се запишала на студии по комуникологија кога речиси сите нејзини врсници биле во средно училиште. Таа го привлекла вниманието и на други универзитети, па така универзитетот „Стенфорд“ сака да разговара со Алиша за потенцијално студирање таму.
Од универзитетот имаат специјален систем на поддршка за Алиша, исто како што имале и за нејзината сестра. Системот вклучува сигурносни мерки, лице што ја следи на предавања во текот на првиот семестар и редовни состаноци со ментори.
Алиша и нејзината сестра стигнале во Нов Зеланд со мајка им во 2017 година. Претходно живееле во Виетнам. Алиша го завршила целото средно образование за само 10 месеци, и тоа најмногу од дома поради мерките за време на пандемијата. На универзитетот, таа прво се пријавила за студии по право, но била одбиена, а потоа се одлучила за комуникологија бидејќи сонува да стане новинарка.
Својата инспирација ја црпи од сестра ѝ, која дипломирала на студии по применета математика на 15-годишна возраст, а потоа запишала и докторат во областа на науката на податоци. Алиша и нејзината мајка отвориле и подружница на виетнамска невладина организација која нуди онлајн курсеви по англиски јазик и меки вештини. Мајка ѝ открива дека освен тоа, Алиша активно вложува средства на новозеландската берза последните три години.
- Наставата досега е прилично лесна. Впрочем, една од причините зошто го забрзав образованието беше затоа што мислам дека училиштето е прилично лесно, па можеби ќе ги забрзам и студиите - раскажала бруцошката.
Извор:
Moj faks