Хотелите во новозеландскиот град Данидин се букирани две години однапред поради целосното затемнување на Сонцето што ќе се случи во 2028 година, прв таков настан видлив од тоа подрачје за повеќе од 850 години.
Затемнувањето ќе се случи на 22 јули 2028 година во 16:17 часот по локално време, кога Месечината ќе помине пред Сонцето и ќе фрли сенка широка околу 100 километри преку делови од јужниот дел на Нов Зеланд, пренесе „Гардијан“.
Во зоната на целосна темнина ќе се најде подрачјето од туристичкиот град Квинстаун на запад до Данидин на исток, каде што затемнувањето ќе трае 2 минути и 51 секунда.
Иако до настанот остануваат уште две години, сместувачките капацитети веќе забрзано се полнат.
Хотелот „Данидин лежр лоџ“ веќе го распродаде својот пакет за затемнувањето на Сонцето, кој вклучува и бесплатни очила за набљудување на овој феномен.
Астрономот Ијан Грифин, директор на музејот „Тухура Отаго“, изјави дека последното целосно затемнување на Сонцето видливо од Данидин било во 1163 година, пред доаѓањето на луѓето на Нов Зеланд.
- Ќе бидеме првите луѓе во Данидин што ќе го видат затемнувањето на Сонцето од овој дел од светот, што е многу возбудливо - рече Грифин.
Ова воедно ќе биде прво целосно затемнување на Сонцето видливо во Нов Зеланд од 1965 година. Процените се дека околу 35.000 посетители ќе дојдат во градот со околу 130.000 жители.
Настанот ќе се одржи за време на новозеландската зима, непосредно по прославата на Матарики, маорската нова година. Данидин планира фестивал на ноќното небо кој ќе започне за време на Матарики и ќе трае сè до затемнувањето. Градоначалничката на Данидин, Софи Баркер, изјави дека возбудата поради настанот веќе се чувствува низ целиот град.
Фото: magnific