X
 24.06.2021 Живот

Што знаеме за извештајот на Пентагон за НЛО?

Долгоочекуваниот извештај на американската влада за НЛО (неидентификувани летечки објекти) треба да биде објавен пред крајот на јуни. Што знаеме досега?

Некласифицираниот извештај го побара Конгресот по бројните воени извештаи на САД за неправилно движење на авиони на небото. Извештајот доаѓа по културолошката промена што го намали скептицизмот на американската војска и политичкото раководство на САД во постоење на вонземски живот, пишува Би-би-си.

Но, со малку убедливи докази за кои се очекуваат да потврдат какви било интергалактички посети, останува да видиме дали некој на Земјата ќе го промени својот став поради овој извештај. Воените лидери предупредуваат дека технологијата, ако не е вонземска, може да им припаѓа на американските противници како Русија или Кина.

Што се знае за извештајот?


Во август минатата година, Пентагон формираше Работна група за неидентификувани воздушни феномени за да ги проучува набљудувањата на непознати авиони.



Задачата на групата е да открие, анализира и каталогизира вакви настани, како и да добие увид во природата и потеклото на НЛО, соопшти Пентагон.

Доверлива верзија на извештајот беше доставена до американските пратеници месецов. Неименувани официјални лица за американските медиуми изјавија дека во извештајот не се пронајдени докази за вонземски активности, но тоа објаснување не е исклучено. Интересно е тоа што работната група утврди и дека набљудуваните НЛО не се тајна американска воена технологија.


Официјалните лица проучувале повеќе од 120 инциденти од изминатите две децении, вклучувајќи и три видеа од кои Пентагон ја подигна ознаката тајни. Официјалниот став на Пентагон во врска со снимките е дека тие прикажуваат необјаснети воздушни феномени.

Јавниот притисок САД да објават што знаат за вонземјаните расте со децении, додека група таканаречени „нлози“ тврдат дека американската влада крие докази за нивното постоење.

Пентагон тајно собира податоци уште од 2007 година, како дел од малку познатата воена програма за идентификување на заканите од вселената.

Пари за програмата пристигнаа по барање на сенаторот од Невада, Хари Рид, кој го претставува регионот што ја опфаќа познатата „Ареа 51“, воена контролирана локација за која теоретичарите на заговор веруваат дека ги крие остатоците од вселенско летало на вонземјани кои биле собрани во градот Росвел во 1947 година.

Поранешни највисоки функционери, па дури и претседатели на САД неодамна зборуваа на оваа тема.

Џон Подеста, лидер на претседателската кампања на Хилари Клинтон и долгогодишен следбеник на теориите за НЛО, вети за време на кампањата во 2016 година дека Клинтон ќе објави доверливи владини извештаи за вонземјани доколку бидат избрани.

Во едно интервју минатата година, тогашниот претседател Доналд Трамп рече дека нема да открие - дури ни на неговото семејство, она што го научил за вонземјаните.

- Нема да зборувам со вас за она што го знам, но е многу интересно - изјави тој.

И поранешниот американски претседател Барак Обама потврди дека постојат снимки од небесни феномени што не се познати.

- Постојат снимки и видеа на објекти на небото за кои не знаеме точно што се. Не можеме да објасниме како се движат, нивната траекторија - изјави тој.

Какви докази постојат?

Неколку американски војници и разузнавачки службеници детално ги опишаа необичните искуства, а некои од поверодостојните извештаи пристигнаа од пилотите кои гледале НЛО од пилотската кабина во близина на военото оружје и полигоните за воени обуки.

Џон Ратклиф, поранешен директор кој ги надгледувал сите 18 американски разузнавачки агенции во администрацијата на Трамп вели дека има многу повеќе отколку што е објавено во јавноста.

- Зборуваме за објекти што ги виделе припадниците на морнарицата или воздухопловни сили или снимени од сателити, кои се движат на начини што е тешко да се објасни. Прават движења за кои немаме технологија или се движат со поголема брзина од брзината на звукот без да произведат звук што се јавува кога ќе дојде до пробивање на звучниот ѕид - вели тој.

Во епизода на емисијата на Си-би-ес, „60 минути“, чија премиера беше минатиот месец, двајца поранешни пилоти на морнарицата зборуваат за тоа како виделе објект во Тихиот Океан што го имитирал нивното движење. Тие опишуваат дека станува збор за мал бел предмет во форма на „Тик-так“.

- Баш така изгледаше, освен што патуваше многу брзо и неправилно и не можевме да предвидиме во која насока ќе се упати или како ќе маневрира или каков погонски систем користи - вели поранешниот пилот на морнарицата, Алекс Дитрих.


- Немаше очигледна трага од чад или погон. Немаше очигледни повришни што би ги користел за маневрирање - додаде тој.

Што прават другите земји со НЛО?

Поранешниот американски сенатор Рид го бранеше буџетот вреден 22 милиони долари што тој го обезбеди за првичната програма за НЛО во Пентагон, велејќи дека тоа го обезбедија и други земји.

- Знаеме дека Кина го прави тоа. Знаеме дека Русија, предводена од некој од КГБ, го прави истото, па затоа е подобро да се погледне - рече тој во 2019 година.

Минатиот декември, поранешниот шеф на вселенската администрација при израелското Министерство за одбрана, за локалните весници изјави дека Трамп е на „прагот да открие“ постоење на меѓугалактички договор, но дека се повлекол од страв од масовна хистерија.

- Постои договор меѓу американската влада и вонземјаните. Тие потпишаа договор со нас да правиме експерименти тука - изјави Хаим Ешед.

Неговата изјава не беше потврдена од ниту една од наводните инволвирани страни.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот